Комисија за заразни болести смета дека во моментот е доволно што граѓаните кои транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за три часа ќе ја напуштат државава. На тој начин, велат дека патниците не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земја и засега нема да воведат задолжително приложување на ПЦР тест.
„Беше разгледана и информацијата за воведување на PCR тестови за граѓаните од ризичните земји кои транзитираат низ нашата земја, засега Комисијата продолжува будно да ја следи ситуацијата и доколку се утврди дека има потреба, не се исклучени дополнителни мерки. Со постојните мерки, граѓаните кои транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за 3 часа ќе ја напуштат земјата и не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земја“,
стои во соопштението од Комисијата за заразни болести.
Вчера, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека ќе предложи да се воведе задолжителен ПЦР тест при влез на земјава и за патниците кои транзитираат низ неа.
Најавата за ваквата измена доаѓа откако на аеродромот во Турку, Финска слета авион од Скопје, а меѓу 157-те патници имало и 24 патници позитивни на коронавирусот. Тие биле тестирани доброволно, по што се потврдило дека се позитивни на ковид-19.
Засега, потребен е негативен ПЦР тест не постар од 72 часа за државјаните на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на земјата, но тестот не е потребен доколку тие транзитираат или летаат преку скопскиот или охридскиот аеродром. На влез во земјава тие треба да приложат авионски карти и да потпишат изјава за транзит во која се вели дека ќе ја напуштат државата за три часа.