Најавената мерка за субвенции при купување нови возила нема да се применува поради ограничувачкиот фактор за задолжителна примена на принципот „прв дојден, прв услужен“ при распределба на средствата. Владата работи на ново решение кое без импликации на буџетот ќе има поголем опфат на граѓани, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Сепак, според него, ова не значи дека Владата се откажува од намерата за обнова на возниот парк во државава.
На тој начин, ако предвидевме директни средства, ќе можевме да поддржиме само од 500 до 1.000 граѓани кои ќе се откажат од старите возила. А што ќе направевме ако други 3.000, 4.000 и 5.000 граѓани го направеа истото? Затоа направивме работна група со министерствата за финансии, за животна средина и Царинската управа, и во текот на овој месец, вклучувајќи ги тука и законските решенија каде што нема да има директни финансиски импликации врз буџетот, ќе донесеме соодветна одлука. Не се откажуваме од нашите намери да го обновиме возниот парк во земјава. Тоа не значи дека тоа што сме го најавиле нема да го реализираме и оти нема да создадеме други мерки каде што ќе бидат вклучени сите заинтересирани граѓани и ќе нема лимитирачки фактор како што е моделот „прв дојден, прв услужен“,
изјави Бектеши.
Бектеши потсети дека при сите јавни повици мора да се користи принципот „прв дојден, прв услужен“ и оти во тој случај, откако ќе се исцрпат предвидените средства, не може да се даваат други.
Ќе одиме со друго решение за да можат повеќе заинтересирани граѓани да ја искористат мерката или таа поволност што би можеле да ја даваме преку законско решение. Ќе нема директно субвенционирање со пари,
дополни Бектеши.
Мерката за субвенционирање нови возила, доколку апликантот се откаже од своето старо возило, е предвидена со Законот за возила, како дел од мерките за намалување на аерозагадувањето. Но, според последните изјави на министерката за финансии Нина Ангеловска, во предлог-буџетот за 2021 година не се предвидени средства за оваа намена.
Работната група која го разгледувала ова прашање одлучила средствата да се алоцираат таму каде што ќе дадат најдобар ефект, изјави Ангеловска потенцирајќи дека аерозагадувањето е еден од приоритетите на Владата и оти по тој основ во буџетот има повеќе мерки што се вградени во најразлични министерства.