Нема да се раздвои судењето на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, во предметот ТНТ поради здравствената состојба, како што бараше обвинителот Бурим Рустеми.
Ваква одлука донесе судот и го одложи денешното рочиште. Нема да се одржат и рочиштата закажани за утре и задутре, туку судењето треба да продолжи в понеделник, на 20 јануари.
Тони Трајковски утрово дојде сам во судот и со него донесе медицинска документација дека има забрана од лекар да присуствува на рочишта.

„Има последици по здравјето од претепување, за кои не би сакал да зборувам јавно, и препорачуваат да мирува“, рече адвокатот Страшевски пред медиумите.

Трајковски вчера не се појави на судењето бидејќи не добил покана, па судијата Огнен Ставрев издаде наредба за негово присилно доведување, но таа не се изврши бидејќи ексградоначалникот утрово дошол во судот со својот брат.
Поради одложувањето, јавноста немаше можност да слушне дали одбраната ќе се согласи наместо да се изведуваат сите докази одново тие само да се прочитаат и да се заштеди на време.
Во предметот ТНТ обвинети се вкупно седуммина. Меѓу нив, покрај Трајковски, се и поранешниот министер Миле Јанакиески, избеганиот експремиер Никола Груевски и уште четири лица кои во 2011 учествувале во процесот на уривање на комплексот „Космос“.