Нема преживеани при падот на рускиот авион што денеска се урна на крајниот исток на Русија, објавија руските новински агенции повикувајќи се на спасувачките служби.
Авионот „антонов АН-26“, со 28 лица, летал од Петропавловск-Камчатски кон градот Палана, а изгубил контакт со контролата на летање при обид за слетување.
Повикувајќи се на официјални извори, Интерфакс објави дека авионот удрил во рид додека се подготвувал да слета во лоши услови на видливост.
Руските власти задолжени за цивилната авијација објавија дека местото на несреќата е пронајдено и спасувачките екипи пристигнале.
Министерството за вонредни состојби соопшти дека во авионот имало 22 патници и шест члена на екипажот. Меѓу патниците била и градоначалничката на Палана, Олга Мохирева, јави агенцијата ТААС повикувајќи се на локални извори.
Времето во тоа подрачје за време на исчезнувањето на авионот било облачно, соопштија руските агенции додавајќи дека авионот се користи од 1982 година.
Безбедносната состојба на руската цивилна авијација е подобрена во последниве години, но авионските несреќи, особено на авиони од постаро производство, кои се користат во оддалечените региони на земјата, се релативно чести.
„Антонов-28“, ист тип на авион, се урна во 2012 година во шумите на Камчатка, летајќи на истата рута. Во несреќата тогаш загинаа десет лица, а истражителите објавија дека двајцата пилоти за време на несреќата биле под дејство на алкохол.