Нема пари за дополнителното зголемување според законот, каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата, вели Бесими

Во Буџетот не се планирани пари за зголемување на платите на избраните и именуваните лица во 2024 година, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година. Тоа значи дека тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има интервенции во законот тоа да не се случи во 2024 година. Нема пари за дополнителното зголемување според законот, каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата. Нема пари во Буџетот планирани за дополнително зголемување на платите на функционери и именувани лица“,
рече денеска Бесими одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата.
Во однос на огласите за вработување во државните институции, Бесими рече дека има одлив на кадар во институциите и дека испразнетите места треба да се пополнат. Согласно заклучок на Владата, е дозволена и трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, но тоа да биде во рамки на предвидениот буџет на институцијата.
„Имаше заклучок на Влада, а потоа и одлука што се спроведуваше во сите институции, во рамки на Буџетот, на исто ниво на плати, тие што беа со определено време повеќе од две години да можат да добијат статус на редовен работен однос, но тоа да се спроведе преку јавен оглас на конкурентен начин“,
додаде Бесими.
За Министерството со кое раководи, посочи дека секоја година има одлив на кадар, па така, во 2021 година заминале 56 лица од Министерството, во 2022 година 67 лица, а лани околу 40 лица.