Единствениот пријавен, Медат Куртовски од СДСМ, ја повлече кандидатурата обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за неодговорност, поради тоа што не му одреди противкандидат и изразувајќи стравување дека изборите може повторно да бидат неуспешни, како лани на 17 октомври
Ќе нема избори за градоначалник на Маврово-Ростуше на 17 април, затоа што нема кандидати за првата функција во општината во западниот дел на државата со над 10 илјади запишани избирачи.
Државната изборна комисија (ДИК), на денешната седница, ја запре постапката за избор на градоначалник на Маврово Ростуше, откако минатата недела кандидатот на СДСМ, Медат Куртовски, ја повлече кандидатурата бидејќи нема противкандидат.
ДИК го носи овој заклучок поради тоа што досега, по истекот на сите законски рокови, во Општинската изборна комисија нема потврдени листи за градоначалник, по решението од 4 февруари за распишување повторени избори. Спикерот Талат Џафери тогаш распиша избори во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа, каде што на локалните избори, лани на 17 октомври, поради многу нискиот одѕив, не беше постигнат цензусот во првиот круг гласање.
„Поради тоа, ние мораме да констатираме со заклучок дека ДИК од своја страна ја запира постапката за спроведување на сите изборни дејствија во Маврово-Ростуше, согласно донесениот роковник“,
нагласи Борис Кондарко, член на Комисијата.
ДИК побара писмено да биде известен претседателот на Собранието, надлежен за распишување избори.
Минатата недела, кандидатот на СДСМ информираше дека нема потреба од дополнителни трошоци во време на криза за избори што можат повторно да бидат неуспешни.
„За жал ВМРО-ДПМНЕ не собра храброст да излезе пред граѓаните на Маврово и Ростуше на повторените локални избори. Ова е неодговорност на опозицијата кон општината и граѓаните на Маврово и Ростуше. Ним не им е важно општината да биде функционална со целосен капацитет и легитимитет. Имајќи го предвид фактот дека од другата страна нема противкандидат, како и фактот дека голем број наши сограѓани се дел од дијаспората, особено во овој период од годината, постои реален ризик локалните избори повторно да не успеат. Затоа сметам дека нема потреба од дополнителни трошоци во време на криза, односно пари од буџетот на Општината да се трошат на избори кои може повторно да бидат неуспешни“,
рече Куртовски посочувајќи дека очекува Владата да назначи повереник додека се чека следниот термин за избор на градоначалник.
Од друга страна, на денешната седница, ДИК го донесе Кодексот за набљудување на изборите за градоначалник во Центар Жупа.