Министерката за внатрешни работи на Германија, Ненси Фезер, изјави дека „крајот на бруталната тиранија на сирискиот диктатор Асад е големо олеснување за многу луѓе“. Но, таа додаде дека „ситуацијата во Сирија моментално е многу нејасна“
Неколку европски земји, како Германија, Шведска и Австрија, донесоа одлуки да го стават на пауза разгледувањето на барањата за азил на сириски државјани, поради развојот на настанатите во земјата по соборувањето на режимот на Башар ал-Асад.

Шведската агенција за миграции објави дека ги паузира и одлуките за азил и депортациите.
„Со оглед на ситуацијата, невозможно е да се оценат основите за заштита во моментов“,
изјави Карл Бекселиус, раководител на правните прашања во агенцијата.
Германија, исто така, ја суспендираше обработката на барањата за азил на Сиријците поради „нејасната ситуација“ во земјата.
Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, изјави дека „крајот на бруталната тиранија на сирискиот диктатор Асад е големо олеснување за многу луѓе“. Но, таа додаде дека „ситуацијата во Сирија моментално е многу нејасна“.
Австрија најави дека ќе ги запре сите апликации за азил од сириски државјани и ќе започне програма за депортација на бегалци назад во Сирија.
Одлука за суспендирање на барањата за азил од страна на сириски државјани донесе и Велика Британија, соопшти тамошното Министерство за внатрешни работи, додека ја проценуваат моменталната ситуација во земјата, откако бунтовничките сили го зазедоа главниот град Дамаск во текот на викендот, пренесува „Гардијан“.
Ова прашање, како што пренесе британскиот весник, го разгледува и француската влада.
Од Министерството за внатрешни работи на Франција соопштиле дека одлуката за ова прашање најверојатно ќе ја донесат во следните неколку часа, наведува Ројтерс.