Според проценките во парламентот, ако пратениците од мнозинството, посебно ДУИ, се воздржат од реплики и контрареплики, можно е расправата да заврши за десет до 15 часа
Неизвесно е дали во текот на денешниот ден законот за јавно обвинителство ќе стигне до гласање. Односно дали на собраниската седница што почна предмалку пратениците ќе успеат да ја затворат расправата за законот за јавно обвинителство, со оглед на тоа што се пријавени над 30 дискутанти, од кои во најголем дел се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Според проценките во парламентот, ако пратениците од мнозинството, посебно ДУИ, се воздржат од реплики и контрареплики, можно е расправата да заврши за десет до 15 часа, и законот да биде ставен на гласање. Но спикерот Талат Џафери од старт овозможи одолговлекување и на денешната расправа на пленарната седница, со тоа што го прифати барањето на координаторот на ВМРО-ДПНЕ Христијан Мицкоски за еден час пауза.
Отежнувачка околност е и тоа што во текот на денешниот ден е закажана уште една пленарна седница – за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. На дневен ред на оваа седница е и предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, кој е подготвен од претходната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.
Пред почетокот на седницата за законот за ЈО имаше координација кај Џафери, на која се разговарало за „сценариото“ за денешните седници, но и за агендата во наредените два дена, до седницата за распуштање на парламентот в недела.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во синоќешната најава за можно ново парламентарно мнозинство и за редовни избори, посебно потенцираше дека треба да се стават на гласање битните законски проекти.
„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако, на кој било начин, се оневозможи гласање на важните закони, а особено законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“,
напиша Николовски на Фејсбук.
Покрај тоа што е неизвесно кога законот за ЈО ќе биде ставен на гласање, прашање е и дали до тој момент ќе се обезбедат потребните 80 гласа за негово донесување. Во кулоарите се прошири информација дека се дискутабилни и гласовите на двете пратенички на ДОМ, наводно поради внесувањето на Бадентеровиот принцип на одлучување во законот за ЈО. Но, пратеничката Маја Морачанин, претседателка на ДОМ, вели дека таа ќе гласа за законот за ЈО, затоа што тој, во суштина, е во насока на поголемо владеење на правото и изградба на принципите на правната држава.
„Во законот за ЈО се имплементираат и решенија од Законот за јазици, за кој ДОМ не гласаше. Меѓутоа, законот за јазици сега е дел од правниот систем на државата. Со оглед на тоа што новото законско решение за ЈО е во насока на поткрепа на владеењето на правото, јас ќе гласам за овој закон“,
вели Морачанин.