За денешниот случај со неиспуканиот куршум пронајден пред домот на Таравари осуда стигна и од неговите сопартијци, со кои изминатите денови се во отворен раздор во врска со учеството на Алијанса за Албанците на претстојните избори
Информацијата за пронајден неиспукан куршум, кој бил оставен пред вратата на домот во кој живее градоначалникот на општина Гостивар и претседател на политичката партија Алијанса за Албанците, ја потврдуваат и од кабинетот на Таравари од каде што велат дека случајот е пријавен во полиција и дека повеќе информации ќе има во текот на денот

Неиспукан куршум од автоматско оружје бил пронајден пред куќата во која живее актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Од Секторот за внатрешни работи во Тетово, за „360 степени“ потврдуваат дека утринава било пријавено дека во Гостивар е пронајден неиспукан куршум од автоматско оружје.
„Денеска во 09:34 часот, 42-годишниот гостиварец Ј.Џ.во СВР тетово пројавил дека пред влезната врата на куќата на 50-годишниот А.Т. од Гостивар било оставено односно пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7,62 милиметри“,
информираат од СВР Тетово.
Оттаму додаваат дека екипи на СВР Тетово, Одделение за внатрешни работи Гостивар, извршиле комплетен увид. Зрното, како што велат, откако е фотодокументирано било подигнато за вештачење.
Од СВР тетово информираат дека се испитуваат сите детали во врска со овој случај.
Информацијата за пронајден неиспукан куршум, кој бил оставен пред вратата на домот во кој живее градоначалникот на општина Гостивар и претседател на политичката партија Алијанса за Албанците, за МИА ја потврдуваат и од кабинетот на Таравари од каде што велат дека случајот е пријавен во полиција и дека повеќе информации ќе има во текот на денот.
Дел од медиумите објавија и фотографии за кои тврдат дека се од пред домот на Таравари. На фотографиите објавени од ТВ Коха се гледа и куршумот.
За денешниот случај со неиспуканиот куршум пронајден пред домот на Таравари осуда стигна и од неговите сопартијци, со кои изминатите денови се во отворен раздор околу учеството на Алијанса на Албанците на претстојните избори.
„Го осудуваме секој ваков чин на насилство од кој било, исто како што денеска го осудуваме кукавичкиот чин врз нашиот сопартиец Арбен Таравари. Насилството не е решение. Нека полициските органи го обелоденат случајот и виновниците да се изведат пред лицето на правдата“,
напиша министерот за правда Кренар Лога на својот фејсбук-профил.
Алијанса за Албанците изминатите денови е во центарот на вниманието откако во саботата Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари на Фејбук напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците. На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Вчера, пак, Таравари на Фејсбук напиша нов статус во кој се вели дека неговата иницијатива за на изборите да се оди со опозициските партии на Албанците добива поддршка од мнозинството членови на Централното собрание.
Потоа претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота, на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари. Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова по вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.
Села рече дека ставот за самостоен настап на изборите е поддржан од 99 отсто од членовите на Централното собрание на партијата.
Синоќа Дритон Небиу, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА), бил физички нападнат додека со семејството вечерал во еден познат тетовски ресторан, а настанот го потврди и полицијата.
Настанот се случил веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во партиското седиште во Тетово. На прес-конференцијата присуствувал и Небиу, а веднаш по неа објавил и фотографија изразувајќи поддршка за Зијадин Села.
Алијанса за Албанците (АА) денеска преку писмено соопштение изрази најостра осуда за синоќешниот напад врз членови на партијата, меѓу кои и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу.
Ваквите настани, како што оценуваат од Алијанса, се неподносливи и имаат за цел оцрнување на единствениот политички субјект што се познава за традицијата на демократските и институционалните вредности.