Како што нагласи премиерот Ковачевски во изјавата, правата на штрајкувачите во градинките и училиштата не се прекршени, како што претходно истакна претседателот на СОНК зашто, како што додаде премиерот, за усогласување на платите со минималната плата постои законски рок од шест месеци, кој сè уште не е истечен
Претседателот на СОНК на вчерашната прес-конференција не беше искрен до крај и според мене ги доведе во заблуда наставниците, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во однос на вчерашното излагање на претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој истакна оти на штрајкувачите во образованието им биле прекршени правата според членовите од Колективниот договор и законското исплаќање плата за време на штрајк.
Како што нагласи Ковачевски во изјавата, правата на штрајкувачите во градинките и училиштата не се прекршени зашто, како што кажа, за усогласување на платите со минималната плата постои законски рок од шест месеци, кој сè уште не е истечен.
„Ние ја качивме минималната плата и постои законски рок од шест месеци за усогласување на платите. Тој рок не е истечен. СОНК го започна штрајкот без да го отвори дијалогот во рамки на тие шест месеци. Според мене, ги доведе и во заблуда наставниците бидејќи и вчера ја гледав прес-конференцијата на СОНК, каде што претседателот ги образложува членовите од Колективниот договор и од Законот за исплаќање плата за време на штрајк, меѓутоа не беше искрен до крај. Не ги кажа точните членови и не ги кажа до крај сите членови во однос на тие законски решенија, а тоа треба да го направи“,
додаде премиерот Ковачевски.
Преговори, додаде Ковачевски, не се водат под уцена туку се водат низ економско-социјален дијалог. Премиерот во своето излагање уште еднаш ги повика наставниците да се вратат на настава во училиштата зашто, како што додаде, наставниците се тие што го градат човечкиот капитал во државата, тие се авангардата и интелигенцијата во секое општество.
„Јас секогаш сум на нивната страна, затоа и го имаме отворено дијалогот кој е во постојан континуитет, освен тогаш кога СОНК ќе одлучи да штрајкува без да има завршен дијалог, за кој постојат законски одредби“,
истакна Ковачевски.
Покрај изјавата на Ковачевски, утрово од Владата уште еднаш повикаа наставниците, воспитувачите и негувателите да се вратат на настава и го обвинија СОНК дека е одговорен за изгубената настава на учениците.
„Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори. Ги повикуваме наставниците, воспитувачите и негувателите најдобриот интерес на децата да го стават пред своите лични интереси, враќајќи ја наставата и прифаќањето и згрижувањето на децата во училиштата и градинките. Истовремено најдобронамерно информираме дека со одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата, а за кој причината е унапредување, а не кршење на работничките е груба манипулација ставање во заблуда на штрајкувачите“,
соопштија од Владата.
Оттаму потсетија дека понуденото покачување од 10 отсто ќе ги зголеми платите на наставниците и воспитувачите во просек од 2 500 денари, како и дека е понудена методологија со која ќе се обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените. Исто така, потсетија и дека изминатите пет години низ дијалог платите на наставниците и вработените во градинките се качени за 21 отсто.
„Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24 786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4 300 денари плус минат труд и просечно платата е 25 874. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6 400 денари плус минат труд, додека на негувателите за околу 5 000 денари. Владата смета дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска, социјална и здравствена криза. Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат“,
рекоа од Владата.
Претходно денеска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, ја оцени како неточна изјавата на СОНК дека се прекршени правата на штрајкувачите затоа што, како што додаде Димовски, Законот за минимална плата предвидува усогласување на платите во рок од шест месеци.
Од СОНК вчера одлучија да продолжат со штрајкот и порачаа дека тоа што Владата решила со ребалансот на буџетот да се обезбедат пари за 10 отсто покачување на платите во школите и градинките, била бетонирана понудата и не се оставало простор за дополнителни преговори.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на прес-конференција читајќи ги заклучоците од Советот на Синдикатот рече работодавците се тие што треба да исплатат плати на штрајкувачите бидејќи, според нив, штрајкот е организиран бидејќи се кршат правата на работниците.