Одлуката која ја донесе Уставниот суд е конечна и мора да се почитува, потенцираше портпаролката на Судот и додаде дека наводите на Стопнската комора која го оспори законот Судот ги смета за неосновани
Недела и натаму останува неработен ден за најголемиот дел работници во земјава.
Ваквата одлука ја донесе Уставниот суд на денешната седница, на која одлучи да не поведе постапка по однос на иницијатива на Стопанската комора која го оспорува законското решение според кое е предвидено недела да е неработен ден.
„Ова значи дека во правниот поредок останува законот кој го уредува правото на работниците да не работат во недела освен во дејностите кои се исклучици, а секако се предвидени со сегашното законско решение“,
истакна портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска на денешната прес-конференција.
Таа потенцира дека за Уставниот суд се неосновани наводите на Стопанската комора која беше подносител на оваа иницијатива и бараше да се запре извршувањето на овој закон.
„Оваа одлука е конечна и секој мора да ја почитува“,
потенцира Беловска.
Уставниот суд расправаше за овој случај на седница што се одржа на 14 септември годинава, но одлука не беше донесена поради недоволно мнозинство гласови.
Претходно денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелираше до Судот да не ја прифаќа иницијативата на Стопанската комора која го оспорува законското решение за недела неработен ден.
Од ССМ посочија дека работничките права во демократските држави не смее и не може да се креираат само врз основа на волјата и барањата на оние работодавачи кои, како што посочија, се мотивирани само од својата желба за поголем профит, без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права.