Министерот очекува измените дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата. Тој и за оваа година најави дека ќе продолжи мерката со ваучери за домашен туризам која би опфатила околу 2 000 семејства
Измените на Законот за трговија ќе овозможат работа во недела и празници на сите трговци на мало и големо во туристичките места, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши при обиколка на Охридската чаршија.
Тој очекува најмногу за две недели законските измени кои веќе се пратени во Собранието да бидат изгласани. За овие работници нема да важи „недела неработен ден“, но министерот потенцира дека вработените во трговските објекти ќе добиваат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници повисоки за 50 отсто.
Измените, очекува Бектеши, дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата.
„Имајќи ги предвид податоците коишто ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга овие законски измени очекуваме да придонесат за уште поуспешна сезона. Министерството за економија и Владата ќе продолжат со креирање на мерки за поттикнување на домашниот туризам со цел за зголемување на бројот на домашни и странски туристи во земјата“,
рече Бектеши.
Како дел од мерките коишто и оваа година ќе се реализираат за поддршка на домашниот туризам тој ја најави мерката за ваучери за одмор во домашните туристички капацитети на работници со ниски приходи.
„Со ребалансот на буџетот се предвидени 15 милиони денари за да продолжиме со мерката за ваучери за туризам за работници со ниски приходи, согласно предвидените средства проекциите се дека ќе се обезбедат ваучери за 1 500 до 2 000 семејства“,
вели Бектеши.