Не знаеме веќе кој е проблемот со Бугарија, вели премиерот Зоран Заев коментирајќи го ставот на бугарското Министерство за надворешни работи дека Бугарија не може да ја промени позицијата за ветото, бидејќи не смее да ги предаде 88 450 граѓани на Северна Македонија што имаат бугарско државјанство.
„Ако е тоа решението ќе ги прашање и македонските граѓани со бугарски помоши. Ние сме пријатели и јас испратив порака дека треба да го решаваме проблемот, којшто не знам кој е проблемот. Дефиниравме дека долгото и краткото име на државата се едно исто – Република Северна Македонија, немаме територијални претензии, пријатели сме и пренесовме комплетна доверба. Предложивме нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо, како поинаку да кажеме дека имаме доверба во нашите соседи?“,
рече Заев.
Заев рече дека е согласен ако треба уште еднаш да се дефинираат работите коишто се напишани во Договорот за добрососедство.
На новинарските прашања, кажа што досега Северна Македонија направила за да излезе во пресрет на барањата на Бугарија, како ставот за немешање во внатрешните работи и малцинските права во другите земји, бришење на натписите „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците и борба со говорот на омраза.
„Верувам дека треба да продолжиме со Бугарија, да правиме напори, и како што ме охрабрија неколку земји од ЕУ, зборувам како Зоран Заев, предводник на нашето македонско општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде, во душата и срцето на Балканскиот Полуостров, среќен сум што се уште останало европско во Европската унија преку овие чекори што се преземаа последните неколку денови. За нас Европската Унија е светост, нашата европеизација ја сакаме со постигнување европски вредности дома и ние тоа ќе го правиме со блокади или без блокади. Ние друга алтернатива немаме, сакаме да вградиме европски вредности дома и да си ја европеизираме државата. Ако Европа освен со фондовите како што досега ни помага, ни помогне и со експерти за поглавјата, знам дека преговарачкиот процес ќе го забрзаме. Тоа е нашата иднина и верувам дека за тоа ќе помогнат сите соседи, ќе помогне соседна Бугарија“,
истакна Заев.