Последните најави од Владата и од владејачкиот СДСМ беа дека веќе нема простор за продолжување на вонредната состојба и дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека засега нема најави кога ќе се одржи вообичаената седница на Советот за безбедност пред завршувањето на тековното продолжение на вонредната состојба – в недела на 14 јуни.
Иако последните најави од Владата и од владејачкиот СДСМ беа дека веќе нема простор за продолжување на вонредната состојба и дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, засега, како што потврдуваат од кабинетот на Пендаровски, нема најави ниту за нова лидерска средба.
Со оглед на влошувањето на ситуацијата со коронавирусот во земјава, посебно во последните денови, се очекува Владата до крајот на оваа седмица да направи проценка дали ќе побара ново продолжување на вонредната состојба и за колку дена. Последната одлука за тоа, сепак, би била на претседателот Пендаровски, кој почнувајќи од средината на март донесе четири одлуки за утврдување вонредна состојба – две од по максимални 30 дена, а последните две во траење по две седмици. Ниту една од неговите одлуки не е потврдена од парламентот, со аргументација дека тој е распуштен и не може да се состане повторно. Единствено Советот за безбедност, како советодавно тело на Пендаровски, одржуваше седници пред секоја нова одлука на шефот на државата за вонредна состојба.
ДУИ, исто така, првично го посочи 5 јули како најсоодветен термин за избори. Но, лицитациите со изборниот датум во последните десетина дена се во сенка на повторното зголемување на бројката на заразени со ковид-19.