В сабота на 14 јуни завршува вонредната состојба, а дали Владата ќе побара продолжување ќе се знае до петок.
Додека, пак, денеска се очекува на владина седница да бидат донесени и мерки за брзо и ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот во државава согласно препораките на Комисијата за заразни болести.
Во земјава и натаму има голем број заболени од Ковид-19. Според податоците на Институтот за јавно здравје, објавени вчера, од 702 направени тестирања, регистрирани се 127 нови случаи, тројца се починати, а седум се оздравени.
Вкупната бројка на дијагностицирани во земјава изнесува 3 152, излекувани се 1 653 пациенти, има 1 343 активни случаи, а починати се 156 лица.
Најголем број заболени 1 332 се дијагностицирани во Скопје, додека бројот на активни случаи изнесува 720, потоа следуваат Куманово со 556 дијагностицирани и 139 активни случаи, Тетово со 291 дијагностицирани и 127 активни случаи, Прилеп со 218 дијагностицирани и 27 активни случаи, Штип со 207 дијагностицирани и 169 активни случаи…
Заклучно со вчерашните податоци активни случаи во Скопје и околината има во: Чаир – 168, Центар – 64, Бутел – 63, Гази Баба – 58, Аеродром – 57, Сарај – 55, Карпош – 45, Кисела Вода – 35, Арачиново – 23, Студеничани – 19, Илинден – 18, Ѓорче Петров – 18, Шуто Оризари – 17, Петровец – 6, Чучер Сандево – 3, Сопиште – 2 и двајца странски државјани.