Кампањата „Не користи мобилен телефон додека возиш – секој повик може да почека“ денеска со активности во Тетово. Полицијата во центарот на градот на возачите им делеше летоци со едукативно-информативни совети и пораки

„Не користи мобилен телефон додека возиш – секој повик може да почека“. Вака е насловена кампањата на Министерството за внатрешни работи што денеска беше реализирана во Тетово.
Во рамки на активностите, полицијата во центарот на Тетово на возачите им делеше наменски изработени летоци со едукативно-информативни совети и пораки.
„Со возачите беа споделени и статистички податоци за сообраќајни несреќи предизвикани токму поради користење мобилни телефони во возење. На возачите, исто така, им се укажа и на законските санкции предвидени за овој вид сообраќаен прекршок и за другите негативни импликации по вкупната безбедност во сообраќајот“,
информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од СВР Тетово информираат дека вакви активности предвидени се и на гостиварското подрачје, а нивна основна цел е подигнување на сообраќајната свест и култура на повисоко ниво во функција на подобрување на вкупната безбедност на патиштата во Полог и пошироко.
Во активноста учествуваа полициски службеници на СВР Тетово од Отсекот за превенција во содејство и координација со тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај.
Кампањата ја организираат МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност – Скопје.