Функцијата министер за внатрешни работи во техничката влада ми е доверена врз основа на огромното искуство во сферата на правото – вели Тошковски во интервју за „360 степени“ емитувано на јавниот радиодифузен сервис

Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски вели дека е благодарен на партијата за номинацијата, додавајќи дека иако ВМРО-ДПМНЕ располага со огромен човечки потенцијал и некој друг исто така би можел да го води овој ресор, одговорноста паднала на него поради искуството во областа на правото.
„Секако дека и друг би можел да ја врши оваа функција. Секако дека можеби некој поискусен во рамки на полициските работи би можел да ја врши оваа функција. Но, се надевам и мислам дека една од клучните причини зошто сум јас, е тоа што имам огромно искуство во делот на адвокатурата, огромно искуство во делот на правото. Токму владеењето на правото е она што моментално е тотално дерогирано“,
вели Тошковски.
Тој додава дека никогаш во животот не мислел дека ќе извршува функција министер, бидејќи негов порив е адвокатурата.
„Адвокатурата е она што ме инспирирало да се запишам на Правен факултет. Адвокатурата е она што ме инспирирало да се посветам максимално во делот на совладување на проблеми, задачи, искуства коишто сум ги имал досега во животот. Но, токму адвокатурата е професија во која основна нишка се човековите права. Мислам дека на тоа поле и тоа како имам што да покажам. Мислам дека на тоа поле и тоа како треба да се подобрат одредени работи во државава. И мислам дека ќе одговорам соодветно на сите потреби“,
рече министерот во интервјуто.
Одговарајќи на прашањето зошто тој, а не некогашниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, Тошковски повторно укажува на искуството во правото. Прашан дали има информации дека Чулев не поминал кај дел од НАТО-партнерите на земјава, Тошковски вели дека не слушнал такво нешто.

„За Наќе Чулев можам да кажам дека е добар човек, дека е човек којшто си ја сака Македонија, човек којшто има големо професионално искуство и човек којшто мислам дека врз основа на неговата емпирија може многу да помогне. Но, која е суштинската позиција врз основа на којашто е одлучено да бидам јас? Тоа е токму мојот потенцијал, моето искуство и мојата емпирија во делот на ова другово – владеење на право, потребата за промена во рамки на полицијата од овој аспект, во делот на еднаквост на сите пред законот, во делот на постапување на министерството за внатрешни работи од аспект на позиција на сервис на граѓани, а не репресија“,
дополнува Тошковкси.
Тој не крие дека е личен пријател со претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но не смета дека е одбран да биде дел од техничката влада врз основа на тоа пријателство.
„Апсолутно не е исклучиво поради личното пријателство. Го има моето сиви, сите можат да го погледнат. Има огромен број постапки во коишто сум учествувал, како граѓански, така и кривични. Од позиција на адвокат имам добро искуство во делот на административна работа како претходно вработен во Министерството за транспорт и врски, имам искуство во суд како волонтер и тоа во период од повеќе од година дена. Така што, мојата досегашна институционална меморија говори за мене, а она што го говорат моите политички опоненти, говори за нив“,
изјави Тошковски во интервјуто.
За двата договори во 2016 и 2017 година во вредност од 25 000 односно 140 000 евра за адвокатски услуги склучени со ЕЛЕМ во време кога директор е Мицкоски, новиот министер одговара дека се легитимни и легални, склучени во отворена постапка.
„Имаше повеќе понуди и тоа не беше постапка само за адвокатски услуги, туку требаше да се спроведе еден круцијален систем во делот на работење на ЕЛЕМ, каде што јас и како правник и како човек имам огромно искуство во делот на решавање на граѓанскоправни односи за коишто сум бил ангажиран од голем број приватни клиенти, државни институции итн. Сумите коишто се исплатени не се тие. Бев исплаќан според услуга“,
одговара техничкиот министер за внатрешни работи.
Панче Тошковски е еден од двајцата министри по предлог на ВМРО ДПМНЕ во техничката влада предводена од Талат Џафери задолжена, пред сè, за спроведување на изборите. Негов дополнителен заменик во МВР е Митко Бојмацалиев, кој досега беше шеф на кабинет на Оливер Спасовски.