„Пред камери се зборува едно, меѓутоа зад камери, кога треба да се работи, друга е комуникацијата, поинаква. Затоа немојте да се грижите“, порача премиерот на преодната влада, Талат Џафери
Заедничката фотографија од новата техничка влада, која беше изгласана денеска, ќе остане во архивите без присуството на неа на двајцата министри од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски – за внатрешни работи и Ѓоко Велковски – за труд и социјална политика.

На овој момент се осврна и новиот премиер на Владата Талат Џафери во изјавата за медиумите откако заврши седницата за избор на техничката влада.
За изборот на Владата, која беше изгласана со 65 гласа „за“ и три „против“, не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но двајцата нивни министри дадоа свечена заклетва.
„Не можам, а да не кажам една реченица дополнително по однос на фактот што можевте да увидите дека заедничкото фотографирање, кое секако следува после секој избор на состав на влада и видовте дека таму ги нема претставниците од опозицијата“,
рече Џафери.
Говорејќи во тој контекст, тој упати порака до граѓаните да не ги загрижува оваа фотографија без нив зашто, како што додаде, работата на Владата ќе биде суштинска заедно со нив.
„…Затоа што и тие исто како и ние што сме на фотографијата имаат законска обврска да ѝ одговорат на обврската што ја преземале од вас преку оние што гласаа за составот на Владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Затоа што тоа е слика која сте навикнале да ја гледате и во работата на Собранието. Пред камери се зборува едно, меѓутоа зад камери после кога треба да се работи, друга е комуникацијата, поинаква. Затоа немојте да се грижите, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тој тим којшто од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања, секој што ќе постапи спротивно се коси со законот“,
изјави Џафери на кусата прес-конференција по изборот на техничката влада.

Во однос на неговиот избор за премиер и изборот на Владата, Џафери рече дека нема што да додаде повеќе од она што веќе го кажал во експозето, освен што уште еднаш може да потврди дека со листа совест и полна одговорност ја презема задачата која што граѓаните преку нивните претставници му ја довериле.
„Останувам доследен на фактот дека работата на Владата ќе биде транспарентна, отчетна, одговорна, пред се пред граѓаните и пред нивните претставници, а се во интерес на благосостојба на граѓаните и на напредокот на државата“,
додаде Џафери.
Во оваа држава, кажа Џафери пред крајот на прес-конференцијата, има закони и прописи коишто треба да се спроведат, а на тие што споменале дека покренале многу пријави против него, особено во вториот им порача дека ќе биде добро на своите гласачи и на граѓаните да им одговорат колку од тие тужби што ги поднеле ги добиле.
„Јас ги имам одговорите на тие пријави, но нема да ги користам за јавноста. Но, тие самите да кажат кој е исходот на тие пријави“,
рече Џафери.
Со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието денеска ја изгласа техничката влада, по речиси двочасовна пленарна дискусија. За избор на Владата потребно беше просто мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници.
Премиер во преодната влада ќе биде Талат Џафери од ДУИ, кој вчера до Собранието поднесе полн предлог-состав на Владата, вклучувајќи ги и двајцата технички министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Панче Тошковски, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и Ѓоко Велковски, кој ќе застане на чело на Министерството за труд и социјална политика.

Прв заменик-премиер, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако добива дваjцa технички министри. Тие обвинија дека ДУИ нема доволно пратеници, ниту број на гласови, за да се избере премиер од нивните редови.
„Денеска, Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија приврзок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ, заради коруптивни побуди, денес, македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
За СДСМ, ова се единствените 100 дена кога ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност да биде власт. Оттаму сметаат дека по изборите, партијата на Христијан Мицкоски повторно ќе замине во четиригодишна опозиција.
Во дискусијата пред изборот на техничката влада, збор зема и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Испровоциран од критиките во излагањата на пратеникот Антонио Милошоски и на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Ахмети кажа дека државата бележи напредок и воспоставила рамноправност.