Истражувањето на Мрежата за спречување на одлив на мозоци утврдила дека Националната стратегија е спроведена само во 11 проценти
Според Светска банка, во последните десет години половина милион граѓанин се иселиле од земјава, но официјална статистика кај нас нема
Подобрата и повеќе платена работа, но и загадувањето, политиката и корупцијата се причини за иселување на младите од државата, што во време на отворен свет, без бариери за миграции, вакви одлуки се носат без двоумење.
Ова го покажала анализата на Мрежата за спречување на одливот на мозоци – составена од седум граѓански организации кои работат на различни области поврзани со развојот на младите, младинските политики и права и младинското информирање.

Ниту постоењето на Национална стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри 2013-2020 не придонела за намалување на ваквиот тренд, бидејќи според анализата, таа е спроведена само во 11 проценти.
„Во изминатите седум-осум години оваа стратегија била само парче хартија која е зафрлена во фиоките, институциите не знаат дека постои, нема меѓуинституционална комуникација и заедничко дејствување. Проблемот е реален, постои и треба суштински да му се пристапи“,
рече Оливер Андреевски, претставник на Мрежата, на конференцијата насловена „Како институциите се справија со одливот на мозоци 2013-2020?“
Анализата на мрежата само потврдила дека една од причините која е високо на листата зошто младите си заминуваат од земјава е образованието, кое е како некој експеримент кој државата го прави сиве овие години.

„Потребна е нова стратегија која ќе ги спои нашите млади со младите од дијаспората, а нив, пак, ќе ги натера да се вратат во Македонија и да ги инвестираат своето знаење и пари да основаат бизнис итн. Меѓу другите институции кои се повикани е и Министерството за економија. Младите сметаат дека треба повеќе промовирање на актуелните мерки, како што е Фондот за иновации и технолошки развој, а исто така бараат и децентрализација на политиките во смисла да се отворат повеќе можности надвор од Скопје како главен центар на случувањата во Македонија. Потребно е давање глас на младите, повеќе вклучување во политиките и да бидат консултирани во сè што ги засега нив, кога ќе се носи одредена мерка, стратегија, политика. Институциите треба да се поотворени за нивните барања“,
вели Марјан Ицоски.
Во нивната анализа за Националната стратегија, како и од тркалезни маси што ги имале со млади, утврдиле многу мал процент, односно 8 отсто од 1 200 испитаници, кои сакале да останат во нашата држава, а според истражување на фондацијата „Фридрих Еберт“, две третини од младите сакаат да се иселат од земјава.
За бројот на иселени од државата нема статистика, туку претпоставени бројки и затоа беше потенцирана важноста од пописот кој не е организиран од 2002 година. Според Светска банка, во последните десет години половина милион граѓанин се иселиле од земјава, од кои најголем дел се млади, посочија од Мрежата. Според податок од 2010 година, пак, 29 проценти од високообразовани млади живеат и работат во странство.