Рускиот опозиционер Алексеј Навални излезе од вештачка кома и постепено ќе биде симнат од апаратот за вештачко дишење, соопштија денеска берлинската болница и неговата портпаролка Кира Јармиш.
Навални, кој беше отруен со невротоксичен агенс од типот новичок, „реагира кога му се зборува“, информира болницата во која е хоспитализиран рускиот опозиционер од 22 август.
Од болницата велат дека неговата состојба е подобрена, но не ја исклучуваат можноста тој да има долгорочни последици од тешкото труење.
Според германската влада, Навални е отруен со нервен агенс од типот новичок, супстанција позната од времето на Советскиот сојуз, која се користела во воени цели.
Берлин и другите западни земји ги обвинуваат руските власти за труењето и бараат објаснување.
Германската канцеларка Ангела Меркел не исклучува последици по проектот за гасоводот „Северен тек 2“ доколку Москва не ги обезбеди очекуваните одговори за труењето на рускиот опозиционер, соопшти денеска нејзиниот портпарол.
Русија му забележува на Берлин за одложување на истражниот процес што го бара и за доставување само на делови од случајот.
Руското обвинителство и полицијата ги почнаа своите истраги на првиот ден од хоспитализацијата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во Омск на 20 август, а руското обвинителство побара од Германија да објави информации за медицинските испитувања и прелиминарните дијагнози до кои е дојдено.