Рускиот опозиционер Алексеј Навални денеска повторно треба да биде изведен пред суд, овој пат бидејќи се очекува почеток на судењето против него за клевета.
Пред неколку дена тој беше осуден од судот во Москва на 32 месеци затвор за прекршување на претходната условна казна.
Денеска, пред судот ќе се најде поради обвинение за ширење „навредливи“ информации против ветеран кој го поддржа уставниот референдум, со што се зголемија овластувањата на претседателот Владимир Путин. Навални се соочува со парична или со казна затвор до пет години.
Затворската казна изречена пред неколку дена за прекршување на условната, пак, беше од причина што тој беше пренесен на лекување во Германија откако беше отруен од нервен агенс новичок.
Тоа наиде на масовни протести низ руските градови, но и на силни осуди од меѓународната заедница.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак, изјави дека Русија нема да ги слуша критиките што доаѓаат од Запад и во врска со пресудата и за полициските акции против демонстрантите.
Во меѓувреме, Навални доби номинација за Нобелова награда за мир за 2020 година. Тој беше предложен од нобеловецот и поранешен претседател на Полска, Лех Валенса.
„Се радувам што можам да го предложам Алексеј Навални за Нобелова награда за мир за 2020 година, како признание за неговата храброст и напорите во објавување на корупцијата, одбраната на политичкиот плурализам и отпорот на сè поавторитарниот режим на Руската Федерација“,
напиша Валенса во писмото до Нобеловиот комитет.