Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални се наоѓа на одделение за интензивна нега во сибирската болница во Омск, во бесознание и на респиратор, откако, според неговата портпаролка, утринава бил отруен.
Навални (44), кој е адвокат и еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, е во болницата во Омск, откако загуби свест на летот за Москва, пред кој на аеродромот во Томск пиел само чај.
Авионот бил принуден да слета за Навални да биде однесен во болница.
Неговата портпаролка Кира Јармиш на Твитер напиша дека Навални е во кома и е на респиратор, додека се вршат натамошни испитувања.
„Алексеј е отруен“, напиша таа. „Алексеј сега е на интензивна нега“, наведе Јармиш, пренесена од француските медиуми.
„Сигурна сум дека е намерно отруен“,
рече таа за радио станицата Ехо на Москва, додавајќи дека според лекарите отровот се апсорбира побрзо ако е во врела течност.
Тасс објави дека Навални е на токсикологија на одделот за интензивна нега на болницата во Омск и според главниот лекар на болницата Александар Мураковски, неговата состојба е сериозна.
Ројтерс ја пренесе изјавата на лекар од болницата, Анатолиј Калиниченко, кој објасни дека не е сигурно дека Навални е отруен, како што сугерираат неговите соработници.
Јармиш кажа дека на Навални му се слошило откако на аеродромот испил црн чај и дека тој наутро не консумира ништо друго.
Јармиш додаде дека на нивно барање полицијата била повикана во болницата.

Во меѓувреме, во медиумите се појави снимка од аеродромот, каде Навални пие чај додека го чека летот.