Поранешниот македонски ракометен репрезентативец во изјава за „360 степени“ вели дека и тој е затечен од најавите дека можеби ќе стане директор
Името на ракометарот Наумче Мојсовски циркулира низ медиумите како можен нов директор на Агенцијата за млади и спорт. Информацијата засега не e потврдена, бидејќи и самиот Мојсовски вели дека не знае дали ќе биде директор или не.
Поранешниот македонски ракометен репрезентативец во изјава за „360 степени“ вели дека и тој е затечен од објавите дека е нов директор на Агенцијата за млади и спорт и вели дека, и покрај тоа што му пристигнуваат честитки за новата функција, тој не е официјално известен.
„И јас сум затечен од информацијата. Вчера се шпекулираше дека овој ресор ќе биде на ДУИ, денеска се објавува дека јас ќе бидам директор. Во моментов и премиерот Зоран Заев не е во земјава, јас не сум разговарал за ова официјално. Немам никаква потврда засега, а добивам честитки“,
вели Мојсовски.
Минатата година тој беше назначен за претседател на новоформираната комисија за спорт во СДСМ.
Веста дека Мојсовски ќе седне на директорското место во Агенцијата за млади и спорт ја објави порталот „Спорт медиа“. Во текстот се вели дека Мојсовски ќе го замени досегашниот директор Дарко Каевски, кој е претседател на Социјалдемократската унија.
Каевски, пак, за „360 степени“ вели дека не знае кој би го наследил на директорско место кое тој секако го напушта поради добиениот пратенички мандат.
„Мене ми е верифициран пратеничкиот мандат на 4 август, но не знам кој ќе дојде на мое место во Агенцијата, засега немаме официјални информации“,
вели Каевски.
Распределбата на местата во третиот ешалон на власта сè уште е тема на разговори меѓу коалициските партнери во Владата, исто како и распределбата на заменик-министерските позиции.
Првиот вицепремиер Артан Груби изјави деновиве дека се планира размена на неколку директорски позиции меѓу СДСМ и ДУИ, со цел, како што рече, да има освежување во некои сектори. Очекува до идната недела целосно да биде формиран владиниот кабинет.