Годинашното издание на Скопје Прајд ќе се одржи на 25 јуни, под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“ Оваа година поради временските услови, собирањето за Прајдот ќе биде во 17 часот во Жена парк, а маршот низ улиците во Скопје ќе започне во 19:30 се до Стадионот на АРМ, каде ќе има и музичка програма
Љубовта е единствено нешто што може да го искористиме како алатка да го победиме насилството под кое се изложени разлилчните, дури кога и за другите владее мирот. Затоа што никој не смее да биде лишен од правото да сака или пак да биде прогонуван поради тоа што нивната љубов не е нормирана или под законот. Па затоа, заради тоа што љубовта мора да победи, повикуваме да излеземе за љубов, истакнаа од Национална мрежа против хомофобија и трансфобија на денешната прес-конференција за претстојниот Скопје Прајд.
Организаторите очекуваат безбеден марш, бидејќи, како што посочија на прес-конференцијата, оваа година имаат одлична соработка со МВР.
„Повторно ќе има еден безбеден Прајд каде сите што ќе дојдат ќе може да се чувствуваат безбедно и ќе можат да се борат за тоа што мислат дека е важно и да ни се придружат. На Скопје Прајд, годинава, како и секоја година, ги славиме сексуалниот и родовиот диверзитет и ја промовираме квир културата“
нагласија од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Од таму додадоа дека преку менханизмите кои како невладини организации ги имаат од претходно, мониторираат на дневно ниво говор на омраза и најавија оти ќе го забележуваат секој говор на омраза и ќе го известуваат Одделението за електронски криминал во МВР, се со цел, како што посочија, заедно со МВР што повеќе да работат на делот од безбедноста кој е најважен, а тоа е превенцијата.
„Очекуваме безбеден Прајд со кој ќе го искажеме нашиот протест, ќе ги истакнеме работите кои ние ги бараме како заедница и на крај да ја прославиме различноста и сето она што не прави убава шарена заедница“
посочија организаторите.
Имено, годинашното издание на Скопје Прајд ќе се одржи во последната сабота од јуни, на 25-ти, под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“ Оваа година поради временските услови, собирањето за Прајдот ќе биде во 17 часот во Жена парк, а маршот низ улиците во Скопје ќе започне во 19:30 се до Стадионот на АРМ, каде ќе има и музичка програма.