За одговорите на руските барања за безбедносни гаранции денеска зборуваше и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен. Тој рече дека писмениот одговор на Вашингтон на барањата за безбедносни гаранции на Русија го отвора патот за дипломатско решение на кризата, доколку Москва го сфати сериозно, како и дека САД се обидуваат да спречат воена ескалација против Украина
НАТО сака „сериозен разговор за контрола на оружјето“ со Русија, но нема да прави компромиси за основните принципи, изјави на прес-конференција генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пренесе ДПА.
Столтенберг кажа дека овие принципи го вклучуваат „правото на секоја нација да ги избира своите безбедносни аранжмани“.
Највисокиот функционер на Алијансата ја повика Русија да ја деескалира кризата со Украина. Тој ова го изјави откако НАТО денеска на Москва ѝ го даде писмениот одговор на нејзините безбедносни предлози за Европа.
Столтенберг додаде дека Алијансата е подготвена да се ангажира во конструктивен дијалог со Москва за да се најде политичко решение за неодамнешните тензии.
За одговорите на руските барања за безбедносни гаранции денеска зборуваше и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен. Тој рече дека писмениот одговор на Вашингтон на барањата за безбедносни гаранции на Русија го отвора патот за дипломатско решение на кризата, доколку Москва го сфати сериозно, како и дека САД се обидуваат да спречат воена ескалација против Украина.
Блинкен рече дека документот доставен денеска до Русија, содржи „принципиелна и прагматична“ проценка на руските барања, додавајќи дека одговорот е целосно координиран со Украина и европските сојузници на Вашингтон.
„Генерално, ова претставува сериозен дипломатски пат напред, доколку Русија одлучи да го стори тоа“,
рече Блинкен, додавајќи дека очекува разговорите со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, да продолжат во наредните денови.
Блинкен додаде дека одговорот на САД на руските барања го одразува ставот на Вашингтон дека е отворен за дијалог и претпочита дипломатија, но дека сè зависи од Русија и нејзиниот одговор.
Тој предупреди I дека САД ќе бидат подготвени во секој случај.
Вашингтон, исто така, јасно стави до знаење дека не доаѓа предвид исполнувањето на руските барања НАТО да ги повлече трупите и оружјето од Источна Европа и да ѝ забрани на Украина некогаш да се приклучи на Алијансата. Тој, исто така, кажа дека е подготвен да разговара и за други теми, како што се контрола на оружјето и мерките за градење доверба.
Photo: EPA-EFE/TOMS KALNINS