Видеото кое го снимил друг ученик, првично беше објавено на социјалната мрежа „Тик-Ток“
Вознемирувачко видео од наставник како тепа дете, му удира шлаканици и со раце го крева во воздух се појави на социјалните мрежи, а за случајот ќе постапуваат и надлежните органи.
Станува збор настан во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел, чија директорка уште во текот на вчерашниот ден телефонски исконтактирала со полицијата, а за денеска попладне, како што велат од МВР, таа најавила дека лично во полициска станица ќе извести за случајот откако детално ќе се информира.
Видеото кое го снимил друг ученик, првично беше објавено на социјалната мрежа „Тик-Ток“.
Директорката претходно за „Слободен печат“ изјави дека ќе го даде наставникот на дисциплинска комисија и потврди дека исконтактирала со полицијата.
„Не дозволувам насилство во моето училиште. Разговарав и со наставникот. Нема што да признава или да не признава, има видео. Мојата работа ја завршив најодговорно и пријавив во МВР. Родителите на детето се обидов да ги добијам, но биле на пат и не ми одговорија на повикот. Ќе следува дисциплинска комисија. Ученикот е во 7 одделение, а наставникот е по англиски јазик“,
изјави директорката Камуран Абдулах Реџа за „Слободен печат“.
За случајот денеска реагираше и ВМРО-ДПМНЕ со барање до министерката за образование и наука, Мила Царовска, јавното обвинителство и МВР да се поведе постапка за отказ и кривична одговорност на наставникот.
„Малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку и треба најстрого да биде казнето. Најостро го осудувам настанот со тепањето на ученик од ОУ ’Панајот Гиновски‘ кое се наоѓа во населбата Бутел 2. Видеото кое излезе на социјалните мрежи покажува како не смее да постапува еден наставник. Наставникот не само што го тепа детето, туку со ваквиот чин нанесува тешка траума на ученикот. Директорката на училиштето и МОН да преземат активности и покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка согласно член 130 и член 143 од КЗ. Одговорност мора да има. На насилниците не им е местото во училиштата“,
реагираше Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе биде новиот градоначалник на Бутел откако победи во првиот круг од локалните избори на 17 октомври.