Мицкоски вели дека дека веќе има идеи и размисли за тоа кои членови ќе ги заменат актуелните, но додава дека тие ќе бидат прецизирани откако ќе се сретне со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски
Премиерот Христијан Мицкоски очекува на една од наредните две владини седници да биде изгласан новиот состав на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Мицкоски вели дека дека веќе има идеи и размисли за тоа кои членови ќе ги заменат актуелните, но додава дека тие ќе бидат прецизирани откако ќе се сретне со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Деновиве очекувам да се видам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија. Тој беше во Блед, денеска оди во Белград, а потоа на друго место. Кога ќе се видам, ќе ги прецизираме. Има некои идеи, некои размисли. Мислам дека на следната или на седницата по неа ќе помине новиот состав на Комисијата која преговара за историските прашања со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен сосед“,
рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања на неговата посета на ТИРЗ Скопје на градбата на новата инвестиција на германската компанија „БМЗ груп“ за производство на литиум-јонски батерии.
Кадровските промени во мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања Мицкоски најави уште минатата недела.
Според Мицкоски, актуелниот состав на заедничката историска комисија од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси и негира дека промените имаат политичка заднина.
Промените, вчера во телевизиско гостување, ги најави и претседателот на македонскиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија Драги Ѓорѓиев.
Повлекувањето тој најави дека ќе биде од 15 септември. Според него, Комисијата работела во крајно исполитизирана атмосфера, со силен јавен притисок и со методологија што не може да даде резултати од нејзината работа.
Претходно вчера Ѓорѓиев во интервју за „Призма“ оцени дека начинот на кој премиерот ги најави кадровските промени во историската комисија од македонска страна е брутално мешање на политиката во нејзиното работење и компромитирање на работата на новите членови.
Одговорот што премиерот го даде на ваквата изјава на Ѓорѓиев е „тој самиот се компромитираше немаше потреба никој да го компромитира изминативе години коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети наместо да си ја гледа работата“.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство потпишан на 1 август 2017 година.
Во состав на комисијата се историчари и професори од двете земји. Македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.