„Заврши времето кога голобради момчиња купуваа трговски центри во центарот на Скопје, кога се играше фудбалче и баскетче во канцелариите на Владата. Сега е време кога треба да се развива Македонија заедно со македонските граѓани и кога треба да владее правото. Тоа е суштината на работа на оваа влада“, вели премиерот
Тендер за нов трет мобилен оператор мора да има, а ќе биде распишан во следниот период, рече премиерот Христијан Мицкоски по денешната посета на доградбата на детската градинка во Општината Илинден објаснувајќи што значи вчерашното потпишување на меморандумот за соработка на Владата со телекомуникацискиот оператор „Фор-ај-џи“ (4iG).
Сепак, според премиерот, компаниите што се заинтересирани го анализираат пазарот и можеби ќе има и други што ќе потпишат ваков меморандум.
„Меморандумот е необврзувачки и со него компанијата само пројавува интерес дека е заинтересирана да се појави на тој тендер. Не може тоа да биде дадено во четири очи. Нормално дека доколку има и други компании и сакаат да потпишат ваков необрзувачки меморандум, тоа ќе биде направено“,
рече Мицкоски.
Посочи дека заврши времето на потпишување договори во четири очи, како што беа тие во кичевски ТЕК „Осломеј“ и битолски РЕК „Битола“.
„Заврши времето кога голобради момчиња купуваа трговски центри во центарот на Скопје, кога се играше фудбалче и баскетче во канцелариите на Владата. Сега е време кога треба да се развива Македонија заедно со македонските граѓани и кога треба да владее правото. Тоа е суштината на работа на оваа влада“,
вели тој.
Сега, како што вели, најважен е интересот на граѓаните, а во случајот тоа е поголема конкуренција и пониски цени.
Владата и унгарската телекомуникациска групација „Фор-ај-џи“ (4iG) вчера во Скопје потпишаа меморандум за разбирање со цел, како што соопшти владината прес-служба, да се забрза дигиталната трансформација во државава во делот на економијата и инфраструктурата.
Меморандумот, како што информираа од Владата, го потпишаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и претседателот на групацијата „Фор-ај-џи“, Гелерт Жазаи.
Министерот Николоски минатиот месец информира на седница на Владата дека е пристигнато писмо со намери од унгарскиот оператор „Фор-ај-џи“ откако тој претходно во Будимпешта оствари средба со претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи.
Според него, ако Владата реши да оди со трет мобилен оператор, основен услов за да влезе на пазарот е да доаѓа од земја членка на Европската Унија или на НАТО и исклучиво да користи чиста технологија.
Инаку, за прашањето за евентуален влез на унгарски „Фор-ај-џи“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатиот период известуваше „360 степени“.
Во објавите потсетивме дека земјава во 2021 година го смени законодавството за да оневозможи влез и користење на опрема од небезбедни производители, меѓу кои се вбројува и „Хуавеј“ што, пак, се случи откако кон крајот на 2020 година, владата на Зоран Заев и владата на САД, во мандатот на претседателот Доналд Трамп, потпишаа меморандум кој предвидува пристап на чисти и доверливи производители на 5Г-мрежи.