Продолжен е притворот на двајцата насилници на возраст од 23 и 26 години, кои во јануари брутално тепаа 20-годишна девојка. Тие насилството го снимаа со мобилен телефон, а снимката беше објавена минатата недела. Првата мерка притвор беше во времетраење од осум дена.
Портпаролката на Основниот суд Штип, Катерина Миленкова-Трајчева, изјави дека на двајцата им е продолжена мерката притвор од 30 дена. Предметот е веќе распределен кај судија, кој во најбрз рок ќе го закаже и судското рочиште.
Двајцата насилниците се обвинети за сторено кривично дело насилство, а казната за вакви дела се движи од шест месеци до пет години затвор.
Видеоматеријалот беше објавен на социјалните мрежи на 2 април, кој молскавично се ширеше, а јавноста најостро го осуди настанот.
Со жртвата работат тимови на Центарот за социјални работи и НВО ЕХО од Штип.