„Ќе зажалите, и ќе ја почувствувате силата на законите“, им се закани британскиот премиер Кир Стармер на припадниците на радикалната десница кои ги предводат насилните протести. Насилствата избувнаа по убиството на три млади девојки во Саутпорт, откако беше соопштено дека напаѓачот е илегален имигрант, што подоцна се покажа дека е лажна вест
Стотици антиимиграциски демонстранти нападнаа хотел во Ротерам кој се користи за сместување мигранти, јави британски „Телеграф“. Дел од нив упаднаа во објектот и ја запалија околната трева.
Видеа објавени на социјалните мрежи покажуваат како полицијата се повлекува при напад на предмети фрлени од демонстрантите пред хотелот Holiday Inn Express во Манверс, Ротерам. Други снимки покажуваат како напаѓачите кршат прозорци пред да упаднат во зградата, како и пожар што избил на еден од влезовите.
Толпата викала и навивала: „Извадете ги“ и „Јоркшир“. Многу од демонстрантите мавтаат со британски знамиња и знамиња на Св. Џорџ, а некои од нив носат маски.
Полицијата блокира една улица, а редица полицајци е забележана пред влезот. Контрадемонстранти од групата „Stand Up to Racism“ биле присутни на местото, но наводно го напуштиле подрачјето.
Хотелот беше цел на антиимиграциски протест во февруари 2023 година, кога две лица беа уапсени.
Гневната толпа од екстремната десница фрлала столчиња и користела противпожарни апарати против полицијата, додека палеле канти и мебел
Антиимиграциските демонстранти се судрија со полицајците кои се обидуваа да го заштитат хотелот од околу 14 часот попладне. Најмалку еден полицаец е повреден во хаосот пред хотелот на северните предградија на постиндустриското гратче.
Ова е уште еден ден од насилните протести на британските улици, по хаосот од оваа недела што остави полицајци со скршени коски, запалени автомобили и нападнати недолжни пешаци. Избувнувањето на насилство доаѓа по убиството на три млади девојки во Саутпорт, откако беше соопштено дека напаѓачот е илегален имигрант. Властите веднаш ги демантираа лажните вести, посочувајќи дека лицето е родено во Кардиф.
Тревата околу хотелот исто така е запалена. Едно лице било видено со целосно покриено лице со маска со британско знаме, додека мавтало со големо знаме на Англија пред хотелот, додека други пиеле пиво и пееле навредливи слогани.
Група млади мажи држеле банер со натпис „Ние не сме десничари, ние сме само во право“, додека друг плакат гласел: „Запирање на бродовите значи запирање на прободувањата“.
Протестот веќе е силно критикуван од антирасистички групи и од активистот Брендан Кокс, чија сопруга, пратеничката Џо Кокс, беше убиена во нејзината изборна единица во Западен Јоркшир во 2016 година.
„Сцените во Ротерам не се протест, не се дури ни десничарски нереди, туку обид за убиство на мажите, жените и децата внатре со тоа што ги запалуваат живи. Смрдеата на овие денови ќе ги следи оние кои ги поттикнуваа и оправдуваа за остатокот од нивните животи“,
оцени активистот Кокс.
Антирасистичкиот контрапротест кој се одржува на истиот простор дополнително ја зголеми тензијата за полицијата. Министерката за внатрешни работи, Ивет Купер, во објава на Икс напиша:
„Криминалниот, насилен напад на хотел што сместува азиланти во Ротерам е целосно ужасен. Намерно подметнување пожар во зграда со луѓе внатре. Полицијата на Јужен Јоркшир има целосна поддршка од владата за најстроги мерки против одговорните“, истакна таа во своето јавно обраќање преку социјалните мрежи.
Протести и во Мидлзбро – Том Џонс е Велшанец, Аксел Рудакубана не е!
Во Мидлзбро, повеќе од 300 демонстранти започнаа да маршираат кон градскиот споменик Cenotaph. Носеа банер со натпис: „Том Џонс е Велшанец, Аксел Рудакубана не е“. Рудакубана е 17-годишниот обвинет за убиството на трите девојчиња во Саутпорт и е обвинет за обид за убиство на 10 други. Неговите родители се родени во Руанда пред да се преселат во Обединетото Кралство во 2002 година. Рудакубана е роден во Кардиф во 2006 година пред да се пресели во близина на Саутпорт во 2013 година.
Други кои маршираа низ градот викаа „Ја сакаме назад нашата земја“ додека се движеа низ центарот на градот. Најмалку две лица беа однесени со лисици во првите половина час.
Нередите низ Англија и Северна Ирска започнаа во вторникот во Саутпорт, по убиството на три млади девојки во напад со нож, на час по танц со теми на Тејлор Свифт. Повеќе од 100 луѓе беа уапсени по демонстрациите организирани од десничарски групи, кои предизвикаа нереди во неколку британски градови. Нередите зафатија подрачја вклучувајќи ги Хул, Ливерпул, Бристол, Манчестер, Сток-он-Трент, Блекпул и Белфаст, резултирајќи со насилство, грабежи и напади врз полицијата. Во Ливерпул, тензиите ескалираа додека околу 1 000 антиимиграциски демонстранти, некои извикувајќи исламофобични навреди, се судрија со контрадемонстрантите, известија денеска локалните медиуми.
Британскиот премиер им се закани со апсења и обвиненија на – како што ги нарече – екстремно десничарските силеџии
Британскиот премиер Кир Стармер вети „целосна поддршка“ од владата за полицијата, истакнувајќи силен став против екстремистите кои се обидуваат да поттикнуваат омраза. На прес-конференцијата во Даунинг стрит, Кир Стармер се закани дека сите вклучени во насилните протести ќе зажалат и ќе ја почуствуваат сета сила на законите.
„Ви ветувам, ќе зажалите што сте дел од ова. За ова нема оправдување. Луѓето во оваа земја имаат право да бидат безбедни. Нема да избегнувам да го наречам како што е – екстремно десничарски силеџии. Ќе сторам сè што е потребно да ги изведеме овие насилници пред лицето на правдата. Ќе има апсења, ќе има обвиненија и ќе има пресуди, без оглед на очигледната причина или мотивација. Ова не е протест, ова е организирано насилство и за него нема место ниту на нашите улици ниту на интернет“, рече Стармер.