Народна банка ќе ги преземе сите расположливи правни средства против сопствениците на Еуростандард банка АД Скопје за невистините и клеветите по донесување на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на Банката, соопштија денеска од НБРМ, без притоа да прецизираат што подразбира тоа.
Бизнисменот Трифун Костовски како главен акционер на Еуростандард банка вчера обвини дека случајот е „сценарио коешто е правено со месеци наназад за никој да не знае само блиски до тие кругови од НБ на време биле известени да си ги повлечат парите“ и најави тужба против државата и НБРМ пред меѓународен суд.
Од НБ денеска повторија дека сите мерки кои ги имаат преземено кон Еуростандард банка АД Скопје се за заштита на депонентите на банката и уверуваат дека банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен како и сите други банки и штедилниците.
„Ако не се стореше тоа, банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на Еуростандард банка АД Скопје и го стори тоа“,
се наведува во соопштението.
Народната банка исто така укажува дека сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката.
„Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката. Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше“,
објаснуваат од НБРСМ.
Народната банка на 12 август ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка – Скопје поради неисполнување минимални законски услови за работење.