Додека Украина информира за новиот напад на едно од клучните пристаништа лоцирано во градот Измаил, руските власти, пак, утринава соопштија дека собориле беспилотни летала во близина на Москва, Ростовската област на југ и регионот Брјанск на југозапад
Украинското пристаниште во градот Измаил на реката Дунав е оштетено во нов напад со руски беспилотни летала, информира гувернерот на регионот Одеса, Олех Кипер.
Тој соопшти дека во денешниот, четврти по ред напад на клучното пристаниште за извоз на жито во Украина, се оштетени силоси за жито и административни згради, а повредено е и едно лице.
Русија ги засили нападите врз украинската инфраструктура за извоз на жито, додека во меѓувреме продолжуваат разговорите за обновување на Црноморскиот договор под новите услови на Обединетите нации (ОН).
Додека Украина информира за новиот напад на пристаништето во Измаил, руските власти, пак, утринава соопштија дека собориле беспилотни летала во близина на Москва, Ростовската област на југ и регионот Брјанск на југозапад.
Во денешниот напад, како што јавува новинската агенција ТАСС, се оштетени три згради во градот Ростов на Дон, кој е на околу 1 000 километри јужно од Москва. Наводно, експлозија се случила во близина на седиштето на рускиот јужен воен округ лоциран во овој град. Гувернерот на Ростовската област, Василиј Голубев, изјави дека едно лице е повредено кога еден од дроновите се урнал во центарот на градот.
Русија соопшти и дека во регионот Брјанск во југозападниот дел на земјата, остатоците од двата соборени дрона ги скршиле стаклата на зградата на железничката станица и ги оштетиле автомобилите во близина.