Ова, според партијата, е показател на тоа во какви раце е оставен здравствениот систем во државата
Оценуваат дека додека премиерот Христијан Мицкоски се занимава со отворање базен, а градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со билборди со вештачка интелигенција, граѓаните во четири населени места во изминатите три дена се соочиле со проблеми со квалитетот на водата за пиење
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека хиперхлорирањето на водата во Гостивар го најавил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а не стручните служби што одлучуваат за јавното здравје на граѓаните.

Ова, според партијата, е показател на тоа во какви раце е оставен здравствениот систем во државата.
„Министер за полиција најавува хлорирање на вода за пиење. Каде го има тоа? Што ни кажува ова за стручноста на луѓето кои денес одлучуваат за јавното здравје на граѓаните на Македонија? Кога директор на Фондот за здравствено осигурување е спортски тренер, а хлорирањето на водата го најавува министерот за внатрешни работи, тогаш е јасно во какви раце е оставено здравјето на луѓето“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму оценуваат дека додека премиерот Христијан Мицкоски се занимава со отворање базен, а градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски со билборди со вештачка интелигенција, граѓаните во четири населени места во изминатите три дена се соочиле со проблеми со квалитетот на водата за пиење.
„Во болниците има пациенти кои се третираат со вода што не е безбедна за пиење. Цели населби се оставени без чиста вода. А власта наместо стручни лица испраќа министер за полиција да објаснува за хлорирање“,
посочуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, власта со нестручни и партиски кадри изминатите две години создава проблеми во повеќе области, а сега се загрозува и здравјето на граѓаните.
„Нестручност. Незнаење. Партиски кадри на места каде што треба компетентност и одговорност“,
додаваат оттаму.
Прашуваат кој ќе биде следниот град што ќе се соочи со проблеми со квалитетот на водата.
Според вчерашните информации, водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење ниту за користење како техничка.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, вчера соопшти дека се вршат напори, гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода, а до крајот на следната недела и вода за пиење.
„Ќе вршиме секојдневни мерења на хлорот кај крајните корисници преку мрежата и доколку биде утврден соодветен параметар како што се очекува, до крајот на оваа недела се надеваме дека би имале соодветна техничка вода која би можеле да ја користат граѓаните на Гостивар, а претпоставките се доколку сè биде во ред со соодветниот третман, да можеме до крајот на наредната недела да имаме вода за пиење. Тоа исклучиво ќе важи само доколку во континуитет имаме двапати резултати кои ќе исклучат какви било потенцијални штетни ефекти во рамки на испитувањата . Ќе се врши плакнење на примарната мрежа во рамки на Општина Гостивар, сè со цел да можеме да дојдеме до посакуваните резултати, да дојдеме прво до сигурна техничка вода“,
рече тој.
Во меѓувреме, гостиварци добиваат пакувана и техничка вода во доволни количини. Во изминатите два дена во Гостивар се доставени 200 000 литри пакувана вода, како и над 100 тони техничка вода. Ангажирани се вкупно 13 цистерни за техничка вода и еден камион со резервоар за вода, со соодветен распоред низ градот.
