Синдикатот потенцира дека продолжувањето на изборот на ректор додека траат парламентарните избори е грубо прекршување на Изборниот законик и најавува дека ќе поднесат претставки до Антикорупциската комисија
Независниот академски синдикат (НакС) бара министерот за образование и наука, Арбер Адеми, да донесе решение со кое ќе ја стопира постапката за изобор на ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) и ќе побара да се решат сите правни недостатоци во процедурата.
Ако министерот не донесе соодветно решение во најкраток можен рок, велат од Синдикатот, ќе сметаме дека тој се става во заштита на противзаконскиот избор на ректор, а со неговото непостапување ја загрозува универзитетската автономија.
Тие потсетуваат дека Државниот просветен инспекторат (ДПИ) испратил заклучоци од надзор направен за овој случај на 18 јуни, но од Министерството за образование и наука сè уште нема никакво решение.
Синдикатот во соопштението посочува и дека во изминатото деноноќие, на само неколку дена пред закажаните избори за ректор, претседателот, членовите и замениците-членови на Универзитетската изборна комисија си поднеле оставки.
„Со овие оставки се алармира јавноста за спроведувањето на противзаконска процедура за избор на ректор на УКИМ“,
велат од НакС.
Во прилог на нивното тврдење дека изборите се спроведуваат противзаконски, тие се повикуваат на на вчерашното известување на Антикорупциската комисија која констатирала недостатоци во постапката.
„Согласно укажувањето на Антикорупциската комисија, веднаш по завршувањето на вонредната состојба започнуваат да важат забраните предвидени во членот 8а од Изборниот законик и членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кои се забранува ‘да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи’“,
нагласуваат од НакС.
Затоа, Синдикатот потенцира дека продолжувањето на изборот на ректор додека траат парламентарните избори е грубо прекршување на Изборниот законик и најавува дека до Антикорупциска ќе поднесе претставки против деканите, директорите, членовите на Универзитетската изборна комисија, членовите на изборните комисии на единиците и сенаторите кои на било кој начин ќе земат учество во понатамошната постапка за избор на ректор, вклучително и во евентуалната постапка за избор на нови членови на Универзитетската изборна комисија.
Во трка за ректор на УКИМ се пријавија седум кандидати, а НакС изминатиот период постојано реагираше дека постапката за избор се води спротивно на законот.
*Поврзани вести:
Објавени кандидатите за ректор на УКИМ, приговори до петок
Прифатен приговорот на Атанасов за изборот за ректор на УКИМ
НАКС: Постапката за избор на ректор на УКИМ продолжува незаконски