Параолимписките игри ќе се одржат од 28 август до 8 септември во Париз, а Оливера Наковска-Бикова е единствена македонска спортистка што ќе учествува
Македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова и тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри денеска ѝ беа гости на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Параолимписките игри ќе се одржат од 28 август до 8 септември во Париз, а Наковска-Бикова е единствена македонска спортистка што ќе учествува.
Од претседателскиот кабинет информираа дека на средбата се разговарало за подготовките, предизвиците и очекуваните резултати во трите стрелачки дисциплини во кои таа ќе се натпреварува.
„Врачувајќи го државното знаме, што нашата спортистка ќе го развее на Параолимписките игри, претседателката Сиљановска-Давкова се осврна на извонредно значајните спортски достигнувања на македонските параолимпијци, кога Бранимир Јовановски донесе злато на игрите во Барселона во 1992, Оливера Наковска-Бикова златен медал во 2012 година во Лондон, а Ванчо Каранфилов сребрен медал од олимписките игри во Атина во 2004 година“,
соопшти претседателскиот кабинет.
Претседателката Сиљановска-Давкова изразила уверување дека и покрај нашето скромно учество со само еден натпреварувач на Параолимпијадата, македонската спортистка ќе оствари успеси што ќе бидат национална гордост.
Претседателката ја нагласила потребата македонското општество, институции и поединци активно да придонесуваат за подобрувањето на условите за нашите сограѓани со попреченост.