
Наќе Чулев, кадар од Агенцијата за разузнавање, е новиот предлог на Христијан Мицкоски за министер за внатрешни работи во техничката влада, која треба да биде изгласала утре.
Тој доаѓа како предлог откако првичниот – армискиот полковник Драган Ковачи, беше спорен и за СДСМ и за поголем дел од стручната јавност.
Попладнево, неговото предлагање официјално го потврдија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде го претставија како човек со богато искуство од областа на безбедносната политика и прашањата од Министерството за внатрешни работи.
Чулев по потекло е од Кавадарци и е кадар од Агенцијата за разузнавање каде моментално работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал, а е и редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.
Како што е наведено во неговата биографија, тој дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје, а завршил и постдипломски студии по мир и развој на Институт за одбранбени и мировни студии при Филозофски Факултет – Скопје.
Една од позначајните функции во неговата досегашна кариера е директорската во Агенцијата за разузнавање. Прво, на 27 март 2012 ја презема функцијата како в.д. директор, а по една година, на 27 март 2013, поранешниот претседател Ѓоге Иванов го именуваше за директор. На таа позиција остана до март 2019, кога по истекот на неговиот мандат Иванов го назначи Зоран Иванов за нов директор, а Чулев остана да биде дел од Агенцијата за разузнавање и како што беше соопштено тогаш, во соработка со новиот директот требаше „да ги продолжи отпочнатите процеси за транформација на Агенцијата“.
Токму додека беше на чело на разунавањето Чулев беше оспоруван од СДСМ поради неговата имотна состојба. Критиките од социјалдемократите беа дека во анкетниот лист до Антикорупциска не пријавил дека поседува стан од околу 90.000 евра во луксузен станбен објект во Аедродром.
„Зошто директорот на разузнавање, Чулев, има потреба да го крие станот? Дали можеби затоа што треба да објасни како се доаѓа до стан во луксузен комплекс со пазарна вредност од околу 90.000 евра? Дека директорот на Агенцијата за разузнавање има стан на улица Фрањо Клуз, број 2, со површина од 63 квадратни метри во вредност од околу 90.000 евра покажува неговиот имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности“, наведуваа од СДСМ во 2016 година.
Во биографијата на Чулев, објавена на официјалната веб-страница на Агенцијата за разузнавање, е наведено дека во оваа институција ја започнал професионалната кариера. За првпат се вработил во 1999 и до 2003 бил на позицијата оперативен работник во Дирекцијата за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал.

Од 2003 до 2007, пак, бил прв секретар на Амбасадата на Република Македонија во Анкара, Турција.
По оваа функција, до 2011 тој работел како советник во Дирекцијата за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал при Агенцијата.
Пред да стане в.д. директор на Агенцијата за разузнавање, една година бил и директор на Дирекцијата за оперативно разузнавање.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат и дека Чулев има поминато низа професионални обуки.
„Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија. Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот Универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО колеџ за одбрана“, посочуваат од опозицијата.
За изборот на Чулев, Мицкоски најави дека ќе се консултира телефонски со Зоран Заев и Али Ахмети. Тој рече дека ниту при првичниот предлог Драган Ковачки да биде прв човек во МВР, не очекувал проблематизирање, но бидејќи власта е исплашена, како што рече, можно е и во биографијата на новиот предлог да најде точка и запирка кои бидат спорни.
*Поврзана вест: СДСМ го прифаќа Наќе Чулев за прв човек во МВР