Во однос на почитувањето на Преспанскиот договор, Мизрахи за „Харец“ посочува дека нејзиниот став е ист како и на партијата, односно дека Договорот е реалност, иако е навредлив и неправеден
„Првата Еврејка министер во Владата на Северна Македонија е разрешена затоа што го користела старото име на државата“. Ова е наслов од најстариот печатен медиум во Израел „Харец“, кој во подолга статија ја информира тамошната јавност за причините за смената на Рашела Мизрахи.
Во текстот, во кој при секое споменување на државата се користи новото уставно име, се наведува дека причината за нејзината смена било појавувањето на прес-конференции пред табла со старото име на државата.

Весникот го објаснува спорот меѓу Скопје и Атина, кој бил причина за официјалната промена на името на државата која, како што се наведува, од февруари 2019 година се вика Северна Македонија.
Во однос на разрешувањето, се нагласува дека одговорност за нејзините постапки прв побарал министерот за надворешни работи на Северна Македонија, кој оценил дека таа го крши Уставот.
Мизрахи за „Харец“ вели дека не сторила ништо незаконски, туку ја користела таблата што ја наследила од нејзината претходничка, актуелната вицепремиерка Мила Царовска. Таа смета дека причина за смената не била таблата, туку нејзината намера да ги разобличи незаконитостите во ресорот што го презела.
Во однос на почитувањето на Преспанскиот договор, таа посочува дека нејзиниот став е ист како и на партијата, односно дека Договорот е реалност, иако е навредлив и неправеден.

Во статијата детално се опишува биографијата на Мизрахи, а се акцентира дека нејзиниот последен ангажман како министерка уште од самиот избор бил мета на критика, но и на антисемитски напади, пред сè од поддржувачи на владејачкиот СДСМ.
Во таа насока е и продолжението на написот, во кој се цитира изјава и од Мизрахи, која, како што вели, била непријатно изненадена бидејќи македонските граѓани не се антисемити.
„Тие напади беа дел од една невкусна и лоша политичка кампања, со вербални напади врз мене, со споменување жолти ѕвезди. Целата еврејска заедница беше во шок“, изјавила Мизрахи за весникот.
Во текстот се споменува дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, јавно ѝ се извинил, а партијата се оградила и од написите на социјалните мрежи на новинарот Бранко Тричковски, против кого државните органи отвориле истрага за говор на омраза и ксенофобија.
Поврзани вести: Мицкоски за разрешувањето на Мизрахи: Зошто? Затоа што ја сака мајка Македонија!