Спасовски, образложувајќи го пред пратениците предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика, упати повик до ВМРО-ДПМНЕ да достават нов предлог за министер
За разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои не го признаваат Талат Џафери за претседател на парламентот, техничката министерка Рашела Мизрахи го нарече вечерва „претседател“ – во почетокот на својата „одбрана“ по предлогот за нејзино разрешување од функцијата. Тоа предизвика поделени реакции во собраниската сала, од смеа до негодување, но и изненадување на „главната маса“, кај спикерот Џафери и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.
Пред обраќањето на Мизрахи, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побаратехничкиот премиер Оливер Спасовски да поднесе и предлог за „саморазрешување“ од функцијата. Мицевски тврдеше дека Спасовски, исто така, го прекршил Уставот затоа што во говорот, наместо „Северна“ кажал Република Македонија. Мицевски побара стенограми од говорот на Спасовски за да ги поткрепи своите тврдења и рече дека тоа што премиерот го користи старото уставно има предизвикало задоволство кај ВМРО-ДПМНЕ. Спикерот Џафери возврати на тоа дека премиер не може да поднесе барање за „саморазрешување“, туку може да даде оставка.
„Со серија потези, Мизрахи свесно и намерно го прекрши Уставот и историскиот договор што беше постигнат во насока на деблокада на евроатлантските процеси на државата. И ВМРО-ДПМНЕ има одговорност за тоа техничката влада да обезбеди владеење на правото. Затоа што вие баравте техничка влада, а ние се согласивме“,
изјави Спасовски, образложувајќи го предлогот за разрешување на Мизрахи.
Спасовски упати повик до ВМРО-ДПМНЕ да достават нов предлог за министер за труд и социјална политика.
Мизрахи, пак, го нарече предлогот за нејзино разрешување евтин театар на спин-доктори на СДСМ.
„Уште не влезена во Министерството, како прва Еврејка министер во Македонија, се соочив со стигма и антисемитизам, што се засилуваше со секој мој настап. Конечно спин-докторите на СДСМ хајката ја продолжија со евтиниот театар со таблата. Да, ова е Република Македонија на Јордан Пиперката, на Даме Груев, на Карев… Јас сум Рашела Мизрахи, горда Еверејка во Македонија“,
рече техничката министерка за труд и социјална политика.
Џеват Адеми од ДУИ реагираше дека „големите патриоти и мажи од ВМРО-ДПМНЕ нашле жена Еврејка да ја брани Република Македонија“
„Големата патриотска партија ВМРО-ДПМНЕ побара од една жена немакедонка – Еврејка да ја брани Република Македонија во техничката влада, која треба да организира избори. Толку за големите патриот и мажи од ВМРО-ДПМНЕ, кои чекаат жена да ја брани Република Македонија. Да се аплаудира на патриотизмот на една немакедонка значи длабока криза. Јас кога сум се борел за правата на Албанците не сум барал други да го прават тоа за мене, затоа и платив лична казна“,
рече Адеми.
Во почетокот на седницата, Илија Димовски побара точката за разрешување на Мизрахи да се тргне од дневен ред затоа што, според него, министерката не го прекршила Уставот. Тој посочи на членот од Преспанскиот договор кој предвидува менување на документи и материјали за внатрешна употреба во зависност од тоа како ќе се отвораат поглавјата во преговорите со ЕУ.
За расправа по предлогот за разрешување на Мизрахи се пријавиле 22 пратеници, така што се најавува дека гласањето би можело да се реализира дури околу три часот по полноќ. За нејзино разрешување се потребни најмалку 61 глас. ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, не доставила досега нов предлог за министер во труд и социјална политика до премиерот Спасовски. Ако Мизрахи биде разрешена од функциијата, и ако до недела, пред распуштањето на парламентот, не биде избран друг министер, со овој ресор до изборите ќе раководи дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која е предлог на СДСМ.