Тоа е еден од заклучоците во истражувањето на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) за односот меѓу политичките случувања, вработувањата и ангажирањето консултанти и привремени вработувања
Интересен заклучок од истражувањето е и што различни влади претпочитаат различни начини за ангажирање на привремен кадар. Така, на пример, владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2010 до 2016 имале многу поголеми трошоци за консултантски услуги наспроти привремените вработувања. Од 2017 година, тој сооднос целосно се менува
Бројот на вработени во јавниот сектор значително се зголемува околу една година по промена на владејачката гарнитура – ваков феномен забележале од Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ). Во анализата за влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор, консултантските и други договорни услуги, од ЗМАИ велат дека ефектот на изборните циклуси влијае како врз редовните, така и врз привремените вработувања. Па така, во периодот што го анализирале од 2015 до 2023 година најголем скок на вработувања во јавниот сектор има во 2018 и во 2021 година, односно една година по формирањето на владите во 2017 и во 2020 година.

Извршниот директор на ЗМАИ , Виктор Митевски посочува дека бројот на вработени во јавниот сектор го достигнува максимумот во 2019 година кога според анализата на податоците, имало речиси 133 илјади вработени.
„Кога ќе споредиме со постојаните вработувања во јавниот сектор коишто се можеби и покомплицирани за владите за да ги користат во брзо време, забележуваме дека по одредени изборни циклуси имаме задоцнување од една година каде што забележуваме зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека на новите влади потребна им е барем една година за да можат да почнат да ги ефектуираат новите постојани вработувања во системот“,
вели Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Доколку се анализираат подолги временски периоди по доаѓањето на одредена влада, односно по повеќе од една до две години се забележува тренд на намалување на бројот на постојано вработени во јавниот сектор.
„Тоа може да има многу фактори коишто би влијаеле на таквиот тренд, но најчесто е и конкурентност, мобилност на работната сила. А ако зборуваме на подолг рок, гледано од денешна перспектива, тоа ќе биде и тренд – намалувањето на бројот на јавна администрација и природно ќе дојде затоа што и бројот на жители/граѓани на оваа земја се намалува“,
вели Митевски.

Динамиката на привремените вработувања и консултантските услуги на централно ниво, исто така, зависи и варира од политичките промени и изборните циклуси.
„Можеме да забележиме дека кај привремените вработувања и консултантските услуги една политичка гарнитура преферира едно, а со промената на власта се случува и промена на преферираната опција, односно во периодот од 2010 до 2016 година консултантските услуги имаат многу поголемо значење во однос на привремените вработувања, а со промената на власта привремените вработувања го земаат приматот. Односно, ова ни кажува дека различни политички гарнитури преферираат различен начин на времено ангажирање лица“,
посочува Митевски.

Другите договорни услуги, според Митевски, се ставка што се користи за голем број активности. Истражувањето покажало неколкукратно зголемување во одредени периоди.
„Тоа што нас нè интересираше беше делот на ангажманот во рамки на другите договорни услуги. Кај нив видовме дека со згаснувањето на одредени институции најголемите трошења се враќаат во нормала, односно што значи тоа – со воведувањето на Советот за јавни набавки и Специјалното јавно обвинителство по 2016 година забележуваме десеткратно зголемување на овој дел од другите договорни услуги за ангажирање на лица и по нивното згаснување трендот повторно се враќа на некое ниво пред 2016 година“,
објаснува Митевски.

Во истражувањето не се опфатени податоци за последниот изборен процес во 2024 година. Анализата се базира на јавно достапни податоци за буџетски трансакции од платформата „Отворени финансии“ за период од 2010 до 2023 и на податоци за број на редовно вработени од Министерството за информатичко општество и администрација за период од 2015 до 2023 година.
Од ЗМАИ најавија дека во следниот период ќе објават интерактивна платформа која ќе се користи за да се идентификува влијанието врз изборните процеси врз јавните набавки, вработувањето во јавниот сектор и финансирањето на политичките партии.
„Овој софтвер е иновативно решение кое ќе идентификува повторувачки шеми на однесување. Овој софтвер и сите анализи ќе придонесат кон подобрување на начинот на кој се управуваат јавните финансии. Анализата презентирана денеска е прва во низата и се однесува на влијанието на изборните процеси врз привремените и редовните вработувања во јавната администрација“,
кажа Роберт Скот Хејзлет, виш директор на НДИ.

„Преку овој процес се надеваме како НДИ дека ќе можеме да влијаеме на подобрување на целокупниот изборен процес, односно подобрување на легислативата каде што е потребно, а со тоа и да создадеме едни поодговорни институции коишто ќе одговорат на барањата на граѓаните за отвореност и транспарентност“,
рече Александра Крстеска, виша менаџерка за програми во НДИ.
Истражувањето на ЗМАИ е во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од Националниот демократски институт (НДИ0, а финансиран од Националната фондација за демократија (НЕД).