Критиките кон папата, Трамп ги изнесе во неделата во подолга објава на Трут соушл, наведувајќи дека папата е ужасен кога станува збор за надворешната политика
На тоа папата изјави дека и понатаму ќе продолжи да зборува против војната, но оти не сака да влегува во расправија со Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп во нова објава на неговата социјална мрежа Трут Соушл повторно го спомнува папата Лав во врска со конфликтот во Иран, пренесува Си-ен-ен. Ова не е првпат Трамп да испрати критики до првиот лидер на Римокатоличката црква откако тој претходно ги осуди неговите закани кон Иран.

Во една од пораките, Трамп вели дека е апсолутно неприфатливо Иран да има нуклеарна бомба.
„Дали некој ќе му каже на папата Лав дека Иран уби најмалку 42 000 невини, целосно невооружени демонстранти во последните два месеци. Апсолутно е неприфатливо и Иран да има нуклеарна бомба“,
напиша Трамп.
Во друга објава, тој ги повтори своите добро познати критики кон НАТО велејќи дека организацијата не е тука за нив и нема да биде ниту во иднина.
Критиките кон папата, Трамп ги изнесе во неделата во подолга објава на Трут соушл, наведувајќи дека папата е ужасен кога станува збор за надворешната политика.
„Не сакам папа кој мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Не сакам папа кој мисли дека е ужасно што Америка ја нападна Венецуела, земја која испраќаше огромни количини дрога во Соединетите Држави и, уште полошо, ги празнеше нивните затвори, вклучувајќи убијци, дилери на дрога и убијци, во нашата земја. И не сакам папа кој го критикува претседателот на Соединетите Држави затоа што правам точно она за што бев избран, поставувајќи рекордно ниски бројки на криминал и создавајќи ја најголемата берза во историјата“,
вели американскиот претседател.
Американскиот претседател во листата на критики до папата Лав XIV додаде уште неколку, нарекувајќи го понтифот „слаб“ во однос на криминалот и кон нуклеарното оружје.
Минатата недела, папата Лав ја критикуваше изјавата на Трамп дека цела цивилизација ќе умре вечерва доколку Иран не се согласи на договор за завршување на војната.
Потоа, прашан за коментар за последните изјави на американскиот претседател изјави дека и понатаму ќе продолжи да зборува против војната, но оти не сака да влегува во расправија со Трамп.
„Не сакам да влегувам во расправија со него (Доналд Трамп н.з.). Не мислам дека пораката на Евангелието треба да се злоупотребива на начин на кој некои луѓе го прават тоа. Ќе продолжам гласно да зборувам против војната, во обид да промовирам мир, дијалог и мултилатерални односи меѓу народите и да барам праведни решенија за проблемите“,
рече папата Лав.
