Според АВМУ, јавното етикетирање и инструментализација на медиумите во секојдневните политички пресметки се во спротивност со гарантираната слобода на изразување

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази загриженост во врска со последната изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Во реакцијата на Агенцијата се посочува дека обвинувањата упатени кон ТВ „Алфа“ за наводна политичка и финансиска зависност претставуваат нарушување на демократските принципи.
Според АВМУ, јавното етикетирање и инструментализација на медиумите во секојдневните политички пресметки се во спротивност со гарантираната слобода на изразување.
Од АВМУ сметаат дека е недозволиво носители на високи јавни функции да користат реторика која служи за дискредитација.
„Ваквата реторика придонесува кон поларизација во медиумскиот простор и може да ја наруши довербата на јавноста во медиумите“,
се вели во соопштението на Агенцијата.
Од Агенцијата потенцираат дека доколку постојат сомнежи за незаконско работење, наместо преку јавни обвинувања или политички квалификации, тие треба да се изнесат пред надлежните институции за понатамошно постапување
АВМУ упати апел до сите политички субјекти во државата да се придржуваат кон одговорна и конструктивна комуникација и да се воздржат од изјави што може да ја нарушат довербата во медиумите или да создадат притисок врз нивното работење.
Вчера, со реакција за изјавата на Филипче излегоа и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде рекоа дека недозволиво и непримерно е претседател на политичка партија јавно да упатува тешки обвинувања за корупција проследени со дискредитирачка реторика кон новинари и медиуми.
ЗНМ и ССНМ реагираат дека политичарите не смеат да ги користат медиумите како средство на партиско-политичка пресметка. Посочуваат дека доколку кој било чинител во општеството има сомнежи за незаконитости и пропусти во работењето на одредени медиуми, тие треба да ги адресира пред надлежните институции, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми.
