Десетици илјади домаќинства се без струја во пресрет на најавените екстремни горештини, а две лица загинаа во секундарна експлозија што разнесе дел од трговски центар

Најмалку 13 лица го загубија животот во силниот земјотрес со интензитет од 7,1 степен кој вчера го погоди подрачјето околу јапонскиот град Кумамото, додека спасувачките екипи се обидуваат да ги извлечат преживеаните кои се заробени под урнатините.
„Сè уште има луѓе кои чекаат да бидат спасени. Ќе ги искористиме сите расположливи ресурси и средства на терен за да извлечеме што е можно повеќе луѓе“,
рече јапонската премиерка Такаичи.
Дополнителна трагедија предизвика силна експлозија во најголемиот трговски центар во префектурата „Аеон“, која се случила околу еден час по земјотресот. Експлозијата целосно разнела една страна од објектот каде што биле сместени околу 200 продавници, а според првичните информации, во овој инцидент загинале две жени, додека пак рано утринава спасувачите извлекле осум лица од под урнатините на центарот.
Земјотресот, чиј епицентар бил на околу 20 километри јужно од Кумамото, предизвика огромни штети на инфраструктурата, главните сообраќајници и автопатишта се тешко оштетени и полни со големи пукнатини, што доведе до сообраќаен хаос, а железничките оператори пријавија и повредени патници кои се наоѓале во брзите возови во моментот на потресот.

Дополнителен проблем за властите претставува ризикот од топлотен удар, со оглед на тоа што над 36 000 домаќинства се без електрична енергија, а за в среда се најавени температури од околу 34 степени Целзиусови. Воедно, издадено е предупредување до граѓаните во најпогодените подрачја да бидат подготвени за можни силни последователни потреси во текот на следната недела, како и за зголемена опасност од лизгање на земјиштето.
