До вчера попладне од урнатата зграда, изградена во 1980-тите години на минатиот век, биле спасени шест лица, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на мароканската државна телевизија Ал Ула
Најмалку девет лица загинале, а уште неколку други се повредени откако вчера ноќта се урнала четирикатна зграда во градот Фез во Мароко, соопштила канцеларијата на тамошното обвинителство, пренесе Ројтерс.

На жителите на соседните згради во густо населена населба им било наредено да се евакуираат како мерка на претпазливост поради опасност од нови уривања, додека потрагата по потенцијални преживеани сè уште е во тек.
Како што пренесува агенцијата, повикувајќи се на мароканската државна телевизија Ал Ула, до вчера попладне од урнатата зграда, изградена во 1980-тите години на минатиот век, биле спасени шест лица.
Според изјава на станар од соседна зграда, уривањето предизвикало голем страв и паника меѓу жителите на населбата.
Инаку, во градот Фез, поранешна престолнина од осмиот век и трет најнаселен град во земјата, изминатите месеци се случија неколку слични инциденти, меѓу кои и еден во декември лани кога се урнаа две згради, при што загинаа најмалку 22 лица.
Во 2010 година, уривањето на минаре во историскиот град Мекнес на северот од земјата уби 41 лице, потсетува Ројтерс.
Државниот секретар за домување на Мароко, Адиб Бен Ибрахим, минатата година изјави дека 38 800 згради во земјата се идентификувани како објекти за кои постои опасност од уривање.
