Најмалку десетина судии му фалат на Основниот кривичен суд во Скопје, се процените на претседателот на овој суд, Иван Џолев.
Тој пред два дена испратил барање и до Судскиот совет за да добијат кадровско засилување.
Според систематизацијата, Кривичен треба да има 70 судии, но во моментов има околу 50. Во последните три години, односно откако Џолев е избран за претседател (ноември 2017), судот е во минус од 20 судии, информираше тој на брифингот со новинарите. Дел од нив заминале поради назначување во некој од повисоките судови, некои во пензија, други поради разрешување или на породилно или болничко отсуство.
Една од судијките која е на излезна врата е и Добрила Кацарска, која на 29 септември едногласно беше предложена за уставен судија од Судскиот совет. За таа да замине во Уставен, ќе треба да ја изгласа и Собранието.
Доколку замине, Одделот за организиран криминал во Судот ќе остане со 8 судии. 16 судии се во одделот за кривично полнолетни, исто толку има и во одделот за прекршоци, а двајца ги судат предметите за малолетници. Двајца судии има и за извршување санкции, додека 6 се судии на претходна постапка.
Во истиот период кога заминале 20, пак, судот добил тројца нови судии, од кои една судијка во моментов е на породилно отсуство.
Џолев вели дека најдобро е да се делегираат судии од други судови бидејќи тие веќе имаа искуство и може да ги распредели во различни оддели зависно од потребите.
Барањето што го испратил пред два дена до Судскиот совет, вели, е последното од десетината што досега биле испратени. На почетокот на минатата година оттаму добиле одговор дека и покрај сѐ Основниот кривичен суд е еден од најажурните во државата и успева да го совлада приливот на нови предмети што ги добива.