Според Зеленски, оштетени се и многу цивилни згради околу хотелот, а спасувачките екипи сè уште се на лице место и сите служби за итни случаи продолжуваат со работа

Четири лица се погинати, а 30 се повредени во руски напад што во текот на ноќта се случил врз хотел во градот Криви Рих, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Балистичка ракета погоди обичен хотел. Непосредно пред нападот, во хотелот се пријавија волонтери од хуманитарна организација – државјани на Украина, САД и Обединетото Кралство. Преживеале бидејќи успеале навреме да се симнат од собите“,
пишува Зеленски.
Службите за вонредни состојби се на терен и ги расчистуваат урнатините, а Украинската државна служба за вонредни состојби предупреди дека под урнатините може да има уште жртви.
Гувернерот на Днепропетровската област Серхиј Лисак на Телеграм објави дека ракетата го погодила петкатниот хотел околу 22 часот, при што загинал 53-годишен маж. Подоцна тој потврди дека уште двајца мажи и една жена биле убиени во нападот, додека 43-годишен маж починал во болница. Четиринаесет лица од повредените се во критична состојба, додава Лисак.
„Покрај хотелот, во нападот се оштетени 14 станбени згради, пошта, културен центар, 12 продавници и речиси 20 автомобили“,
вели Лисак.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека еден човек е загинат во напад со дрон врз магацини на периферијата на Суми, на северот на земјата.
Зеленски, заблагодарувајќи се на спасувачките екипи, вели дека не смее да има пауза во притисокот врз Русија да ја запре оваа војна и терор против животот.