Владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) на денешната седница на Собранието побара промена на собранискиот деловник, со цел да им се овозможи на пратеници одржување седници на далечина, со оглед на порастот на бројот на заболени од ковид-19, јави дописникот МИА од Приштина.
Според пратеничката Беса Гаџери, досега се потврдени десет пратеници заразени од новиот коронавирус, додвајќи дека бројот најверојатно е и поголем.
„Бараме да се состанат претставниците на пратеничките групи и со еден едноставен текст да одлучат седниците да се одржуваат на дистанца во одреден временски период“,
рече Гаџери, барајќи за ова да е одлучи уште на денешната седница.
Претседателката на Собранието, Вјоса Османи рече дека истото прашање го покренала уште во март, кога се појавија првите случаи на заразени, но дека за тоа е неопходно да се смени Деловникот, за што е потребен консензус од пратеничките групи.
Шефот на пратеничката група на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Реџеп Селими рече дека неговата партија немада даде поддршка на барањето таа точка да се внесе на дневен ред за денешната седница, бидејќи се сомневаат на можни злоупотреби.
Собраниската спикерка Османи побара од пратеничките групи да настапат со своите предлози на наредната седница на Претседателството на Собранието, која е закажана за в среда, на 15 јули.