На 27 и 28 декември, како што соопшти Министерството за животна средина, во Центар и Лисиче е надминат дефинираниот праг на алармирање, односно во текот на двата дена на овие места имало повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Оттаму додаваат дека за Град Скопје стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека на мерните места во Центар и Лисиче во Скопје е надминат прагот на на алармирање за аерозагадувањето во два последователни дена.
На 27 и 28 декември, како што соопшти МЖСПП, во Центар и Лисиче е надминат дефинираниот праг на алармирање, односно во текот на двата дена на овие места имало повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички.

„Од страна на МЖСПП доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до општините и до Град Скопје“,
велат од Министерството за животна средина.
Оттаму додаваат дека согласно заклучоците на Владата на Република Македонија од 2017 година, за Град Скопје стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.
Дополнително, од Министерството информираат дека во Тетово во два последователни дека концентрацијата на ПМ 10 честички е под дефинираниот праг од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Затоа, во Тетово од денеска прекинуваат да важат мерките за надминат праг на алармирање за аерозагадувањето.
Инаку, во моментов, според платформата „Ај-кју-ер“ во Скопје се измерени 24.5 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, а ПМ 10 честичките се со концентрација од 67.2 микрограми на кубен метар.
Концентрацијата на ПМ 2,5 честички во Скопје во моментов е 4,9 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Инаку, Скопје во моментов е на 41. позиција според листата на загадени градови во светот со индекс на аерозагаденост 77. За разлика од минатите денови, според „Ај-кју-ер“, воздухот во Скопје во моментов е умерено лош.