„И да се случи некое покачување тоа ќе биде ред величина од пет до до 13 или 15 отсто максимум. Меѓутоа тоа ќе биде сè уште цел на анализи“, вели Ацо Ристов во интервју за „360 степени” на МРТ 1

Дали ќе поскапи парното ќе знаеме на крајот на јули. Ова во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов. Тој додаде дека деновиве се прават анализите.
„Многу е осетлива материјата со греењето, посебно со топлификација во Скопје бидејќи многу голем дел од луѓе го напуштија. Меѓутоа, многу интересен е податокот дека имаме и многу нови приклучоци. Тоа луѓето можеби не го знаат, меѓутоа мора да кажам во оваа прилика дека за последните седум години има скоро 10 000 нови приклучоци во мрежата. Тоа се повратници, меѓутоа и новоградбите. Луѓето сфатија дека сепак најлуксузното греење е со парното греење, односно со радијатори бидејќи сè тоа на друга алтернатива со инвертори е не толку квалитетно. Меѓутоа сега и економската филозофија е ние сега да избалансираме таква цена, мора да кажеме една вистина – 2021-2022 година кога беше кризата во делот посебно на гасот, во Македонија се донела одлука цената на греењето да не порасне драстично и се направил еден финансиски гап во компаниите што дистрибуираат топлинска енергија. И тој биланс, финансиски минус, сè уште постои. Владата донела одлука, убава, граѓаните да ги заштити, меѓутоа не ги покрила трошоците на компаниите. И сега тие компании се во минус и ние мора полека, полека сите оние трошоци што се денеска реални, со годините да пробаме да ги испегламе за да може да опстанат. Бидејќи нашата улога како регулатор не е само да регулираме цена, прво треба да обезбедиме да имаме услуга – квалитетна и постојана, а цената е она што е нужно потребна, односно она што се регулира“,
рече Ристов.
На прашањето што се барањата на енергетските компании, за колку да се зголеми цената, Ристов рече дека барањата се различни.
Ристов: Повеќе енергетски компании, бараат од 30 па до 130 проценти, меѓутоа тоа се тотално нереални, одма морам да кажам, граѓаните да бидат мирни дека нема да се случи такво покачување на цените во ниеден случај. И да се случи некое покачување тоа ќе биде ред величина од пет до 13 или 15 отсто максимум. Меѓутоа тоа ќе биде сè уште цел на анализи. Ги немаме сите податоци бидејќи ги прибираме, тоа се податоци што ни ги дадоа компаниите, меѓутоа регулаторите, комисијата, моментално работи активно бидејќи јули месец е нашиот месец за одредување на ова и мислам дека на крајот…
360°: Вие до крај на јули треба да донесете одлука?
Ристов: Да, бидејќи ова важи од 1 август. Меѓутоа ова задира и во другиот дел во живеењето. Ние не смееме да направиме грешка. Бидејќи доколку се случи да имаме висока цена на греењето со парно, може да се случи пак масовно исклучување. Меѓутоа енергетскиот систем нема да поднесе нов тип на греење, ама ова нема затоа што ние имаме субвенционирана електрична енергија за граѓаните. Оние што се снабдуваат со универзалниот снабдувач имаат субвенционирана електрична енергија. Поради тоа може во одреден момент да изгледа поевтино да се греете на претворање електрична во топлинска енергија, меѓутоа, еден ден ако тоа, а еден ден сигурно ќе дојде да се промени полека балансот на овие два енергенси, може да се случи луѓе да се исклучат од системот, а после да биде тешко да влезат бидејќи знаете како оди…
360°: Колку во цената на топлинската енергија во Скопје игра улога работењето или неработењето на ТЕ-ТО?
Ристов: ТЕ-ТО игра голема улога. Скоро 50 проценти од топлинската енергија ја снабдува ТЕ-ТО.
Водител: Но, за да прави топлинска енергија, мора да произведува струја. А за да произведува струја, треба да има логика да ја продаде некаде, нели? А ТЕ-ТО е приватна компанија.
Ристов: ТЕ-ТО е приватна компанија. Производот електрична енергија го продава на слободен пазар и моментално и тие како и сите други во Македонија се заробени од СИБАМ-от (CBAM), значи продаваат на регионалниот пазар, тоа значи на Балкан. И засега, јас зборував овие денови со генералниот директор на ТЕ-ТО, тие немаат некој посебен проблем, имаат пазар за електричната енергија и не очекуваат дека ќе има некакви блокади или било што. И тие се спремни за сезоната, прават ремонти овие денови и овие денови ја договараме онаа цена што ТЕ-ТО треба да ја испорача кон ЕСМ.
360°: А е многу важна, како што велите.
Ристов: Таа е многу важна, бидејќи за тоа и на почетокот ви реков – сите опции се сега во оптек. Значи, мора да го избалансираме ТЕ-ТО со цената, мора да ги избалансираме трошоците на компаниите, гасот, бидејќи гасот има тенденција на опаѓање и ние работиме не само со моменталните цени на гасот, туку со предвидливоста во следните шест месеци. А прогнозите се добри, дека гасот ќе паѓа во периодот што е пред нас.

Ростов беше прашан дали во ланецот за балансирање мора да го вклучат и Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со потенцијален договор за откуп на дел од струјата од ТЕ-ТО.
Ристов: Не, ние тоа не го регулираме. Тоа не е дел од пакетот што е договорен. Само топлинската енергија е договор меѓу ЕСМ и ТЕ-ТО, во којшто и ние учествуваме како некој медијатор, ајде да кажеме, со којшто правиме математика што е прифатлива и за двајцата.
360°: Дали неформално се подразбира дека дел од таа струја ќе треба да ја купуваат државните електрани?
Ристов: Не, не, тоа го нема никаде како услов, ниту е некаде во било каков документ запишано. ТЕ-ТО си е компанија којашто продава како и сите на пазарот. Меѓутоа, морам да го потенцирам ова од техничка гледна страна: во ладните месеци (декември, јануари, февруари) кога треба ТЕ-ТО да испорачува максимум топлинска, доколку тој испорачува топлинска мора да намени дел од електричната. И доколку тој има добра цена на берзите, тој може да балансира со тоа, да каже ‘не сакам да произведувам денеска повеќе топлинска’, тогаш ќе мора електраните, гасните електрани да го надокнадат. Значи, тој баланс мора да се воспостави.
Ристов рече дека во ладните месеци претходната зима, факт е дека Електрани купуваа дел од струјата што самите не можеле да ја произведат, а требало да му ја испорачаат на универзалниот снабдувач, токму од ТЕ-ТО.
Ристов: Па да, мислам дека минатата година имаат купувано од ТЕ-ТО, не само Електрани, и МЕПСО има купувано, и ЕВН има купувано за покривање на загуби. Бидејќи ТЕ-ТО е електрана што е, ајде да кажеме, брза електрана и знае да го зголеми производството или да го намали релативно брзо, и понекогаш ја користат и како балансна затоа што на сите во одредени моменти кога ќе им затреба повеќе енергија, ТЕ-ТО може брзо да ја даде. И мислам дека такви когенеративни централи се решение за иднината на енергетскиот систем и затоа ЕСМ сега влегува во своја гасна електрана во Битола којашто би била пандан на ТЕ-ТО.
360°: Да, а за Скопје коешто се соочува со големо загадување, меѓу другото, и за загадувањето на воздухот.
Ристов: Апсолутно да.
