Во пожарот нема повредени лица, а спречено е и негово ширење врз околната вегетација
Од запалениот автобус, на падините на Водно се издигаше густ црн чад, кој беше видлив од повеќе делови на Скопје
Надлежните служби на Јавното сообраќајно претрпјатие (ЈСП) „Скопје“ ги проверуваат причините за пожарот што денеска избувна во двокатниот автобус што сообраќал на линијата 25 до Средно Водно, информираат оттаму.

„Веќе се спроведуваат сите неопходни проверки. Ќе биде утврдена точната причина за пожарот, а јавноста навремено и целосно ќе биде информирана“,
се вели во писменото соопштение од ЈСП „Скопје“.
Во пожарот, додаваат, нема повредени лица, а спречено е и негово ширење надвор од автобусот.
„Во мигови кога секоја секунда е драгоцена, возачот регирал брзо, присебно и одговорно. Веднаш ги преземал сите неопходни мерки и со својата навремена реакција спречил посериозни последици, поголема материјална штета и проширување на огнот кон околниот простор. Изразуваме благодарност за покажаната храброст, смиреност и професионалност. Безбедноста на патниците е и секогаш ќе биде наш највисок приоритет“,
пишува во соопштението од ЈСП.
Со тоа, како што додаваат надлежните, пожарот не ја зафатил парк-шумата Водно.

Претходно, во изјава за „360 степени“, командирот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски, рече дека пожарот што избувна во двокатниот автобус е изгаснат, а во интервенцијата учествувале седум пожарникари со две противпожарни возила.
Посочи и дека пожарот избувнал додека автобусот бил во движење, но дека поради присебноста на возачот е избегнато ширење на околната вегетација.
Според првичните информации, причина за пожарот е дефект на електричната инсталација во автобусот.
