До овој момент 25 401 граѓанин се пријавиле за вакцина против ковид на веб-страницата vakcinacija.mk, соопштија од Министерството за здравство.
Преку оваа веб-страница, граѓаните искажуваат заинтересираност за вакцинација. Со пополнувањето на апликацијата се регистрираат во електронскиот систем „Мој термин“, а матичниот лекар ќе може да види дека негов пациент е заинтересиран за вакцинација.
Процесот на вакцинирање ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
„Со пополнувањето на регистрацијата, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација. Тоа не значи дека сте закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем „Мој Термин“ согласно фазите кои ги содржи националниот план за ковид-вакцинација. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години“,
објаснуваат од Министерството за здравство.